НАкС побараа Собранието да ги покачи платите во високото образование пред да се распушти

Независниот академски синдикат (НАкС) денес испрати допис до Собранието на Република Северна Македонија, во кој побараа да се усвои Законот за дополнување на Законот за исплата на платите во РСМ по скратена постапка, со што ќе се реализира најавеното покачување на платите во високото образование и наука пред распуштање на Собранието.

„Потсетуваме дека на својата 131 седница, Собранието го усвои предлогот за донесување на овој закон, но за жал, од тогаш, претседателот на соодветната комисија, г-н Влатко Ѓорчев, нема закажано расправа за овој закон. Сметаме дека покачувањето од 10% кој го предвидува овој закон е значајно за унапредување на позицијата на академската заедница, а за таа цел веќе се обезбедени средства од Буџетот на РСМ за 2020 година. Бараме процедурата за овој закон да биде откочена и Собранието да го изгласа пред да се распушти, со што ќе покаже вистинска грижа за високото образование во државата. Во спротивно, ќе биде јасно дека покачувањето на платите за вработените во високото образование е предмет на предизборна политичка игра“, велат од НАкС.

Од Синдикатот посочуваат дека дописот е испратен до претседателот на Собранието и до претседателот на Комисијата за труд и социјална политика.