Најстариот пештерски цртеж во светот откриен во Индонезија

Археолозите ја открија засега најстарата пештерска слика на светот, во Индонезија. Сликата на која е претставена дива свиња била нацртана пред 45.000 години, со што се обезбедуваaт докази за најраната населба на луѓето на планетата..

Сликата е дел од раскажувачка сцена, а над вепарот има два печати од дланки. Сликата е нацртана со темен пигмент.

Според археолошкиот извештај, сликата е долга 36 сентиметри и широка 54 сентиметри.

„Луѓето кои ја нацртале сликата биле модерни, тие биле исти како нас, а поседувале капацитет и алатки за да го нацртаат тоа што сакаат“, изјавила Максим Оберт, ко-авторката на трудот објавен во научното списание „Сајнс Едвенсес“.

Ко-авторот Адам Брам изјавил дека вепарот прикажан на сликата изгледа како да набљудува тепачка или комуникација помеѓу две други диви свињи.

Брам, кој е специјалист за датирање на археолошки пронајдоци,  во слоеви над цртежот пронашол присуство на калцит и ураниумски изотопи , па според него, сликата е стара најмалку 45.000 години.

„Но, сликата може да е и многу постара, бидејќи алатките кои ги користиме при датирање, може да ја утврдат исклучиво само староста на калцитот“, додал тој.

Според археолозите, постои можност да биде пронајдена и плунка врз отисоците од дланките на муралот. Многу е веројатно уметниците да користеле плунка за да го измешаат пигментот со кој цртале по ѕидовите на пештерата.

Тие се надеваат дека ќе извлечат ДНК примероци кои понатаму ќе бидат детално анализирани.

Цртежот е пронајден во пештерата Ленг Тедонгне која се наоѓа на островот Сулавеси.

Овој цртеж може да е најстарата уметничка слика која прикажува познат објект.

Претходно, истиот тим на научници пронајде слика нацртана на камен, а на цртежот беа претставени полу-човечки, полу-животински суштества кои ловат цицачи. Се смета дека сликата е стара 43,900 години.

Во Јужна Африка беше пронајдена мала шкртаница што наликува на хаштаг, која се проценува дека е стара 73,000 години.

Извор: Independent