Најновиот игран филм „Врба“ на Милчо Манчевски ќе се прикажува на МТВ1

Со прикажувањето на „Врба“, најновиот игран филм на Милчо Манчевски ќе се заокружи циклусот #СедиДома во кој беше прикажан целиот филмски опус на режисерот што изминатиов период се емитуваше на јавниот сервис.

Јавноста ќе може да ја погледне светската ТВ-премиера на филмот на 29 март (недела) во 22 часот на МТВ1.

По светската премиера на „Врба“ во октомври 2019 на Филмскиот фестивал во Рим, филмот ја имаше македонска премиера на 1 ноември. Во месеците што следеа шестиот игран филм на Манчевски беше прикажан на повеќе светски фестивали и освои неколку награди.

Инаку, идејата на #СедиДома со Манчевски беше да им се доближи квалитетна филмска програма на гледачите, во време на вонредната состојба поради коронавирусот. Досега се прикажаа „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“ и „Бикини мун“.