Најмногу 90 минути дневно, најдоцна до 22 часот – Кина со ново правило за малолетните гејмери

Нема повеќе играње видеоигри пред 8 часот и по 22 часот. Најмногу е дозволено час и половина дневно за време на работни денови. Ова се само дел од правилата што кинеската влада ги воведе неодамна. Целта е да се справи со зависноста меѓу малолетниците, која се смета за причина за оштетување на видот и слабиот академски успех.

За време на викенд и празници тие ќе може да играат до три часа дневно.

Правилата исто вклучуваат и ограничувања за тоа колку децата може да потрошат на игри. На пример, децата под 16 години смеат да потрошат до 25 евра месечно на игри, додека оние од 15 до 18 може да потрошат до 50 евра.

Кина е вториот најголем пазар во светот за гејминг после Америка, иако властите постојано ги критикуваат негативните влијанија на видеоигрите врз младите.

Истражување од 2015 година покажа дека 500 милиони кинески државјани имаат оштедување на видот, кои истражувачите го поврзаа со зголемената употреба на мобилните телефони и онлајн игрите.

Минатата година, Светската здравствена организација ја препозна зависноста од видеоигрите како нарушување на менталното здравје. Според дефиницијата на организацијата, ова нарушување предизвикува кај некој да има „големи проблеми со функционирањето“, предизвикани од зависноста.

Компаниите за видеоигри, пак, во неколку наврати се обвинувани дека ги прават игрите позависни.