Најмасовен протест во Белорусија, за денеска најавен национален штрајк

Десетици илјади граѓани вчера маршираа низ улиците на главниот град на Белорусија, Минск, во најмасовниот протест од почетокот на демонстрациите пред два месеци против Александер Лукашенко и неговата спорна победа на претседателските избори.

Полицијата употребила шок-бомби за да се разбие собирот, а белоруски медиуми известија дека повеќе граѓани се повредени, пренесе Еуроњуз.

Демонстрантите носеа црвено-бели знамиња, кои се симбол на опозициското движење, и извикуваа „Доста!“, „Оди си!“ и „Нови избори“.

Предводничката на опозицијата, Светлана Тихановскаја, која во моментов се наоѓа во егзил во Литванија, повика на национален штрајк денеска, под паролата „Народен ултиматум“ откако Лукашенко не поднесе оставка и не ги ослободи политичките затвореници до синоќа на полноќ.

Токму под оваа парола беа организирани вчерашните протести.

Покрај во Минск, протести се одржаа и во повеќе други градови низ Белорусија, додека голем број луѓе биле приведени од полицијата. Според невладината организација „Вјасна“, до синоќа приведени биле околу 200 луѓе.

Според активисти за човекови права, од изборите приведени и уапсени биле скоро 15.000 лица низ земјата, а повеќе од 100 од нив од власта се прогласени за политички затвореници.

Пост изборните демонстрации станаа голем предизвик за Лукашенко кој владее со земјата 26 години, и често од западните медиуми е нарекуван „последниот европски диктатор“.