Најмалку 54 убиени лица во етнички масакр во Етиопија, велат од Амнести

Најмалку 54 лица се убиени во напад на бунтовниците во регионот Оромиа во Етиопија овој викенд, соопшти Амнести Интернешнал, пренесува Гардијан.

Преживеаните од масакрот ги пребројале телата во школски двор во селото Гава Канка, кое било нападнато во неделата попладне, наводно од членови на Оромо ослободителната армија (ООА), која редовно се обвинува за киднапирања и бомбашки напади во западна и јужна Етиопија. Најголемиот број од жртвите биле жени, деца и повозрасни луѓе според сведочењата на очевидци кои се криеле во шумските предели во околината.

Нападот се случил во западниот дел во Етиопија, а цел на нападот биле етнички Амари, најголемото малцинство во земјата. Според Комисијата за човекови права на Етиопија (ЕХЦР), жртвите биле грабнати од нивните домови и однесени во училиште, каде биле погубени.

Еден сведок во областа изјавил дека насилството избило откако безбедносните сили кои биле поставени на локацијата ненадејно го напуштиле местото, со што се овозможило борците на ООА да ги заробат цивилите.

„Откако не зедоа, почнаа да пукаат на нас, а потоа ни ја украдоа стоката и ни ги запалија куќите. Пребројав преку 50 тела, а знам дека имаше и други кои беа погодени од куршуми“, изјавил еден сведок на настаните.

Од ЕХЦР побараа властите да истражат зошто војската се повлекла од местото. Овој инцидент се очекува да изврши притисок врз премиерот Аби Ахмед, кој минатата година доби Нобелова награда за мир, да ја засили безбедноста во земјата која се соочува со засилено етничко насилство.