Најмалку 50 жртви во пожарите во Грција: „Видов мртви тела, ни гореа грбовите“, сведочат очевидците

Најмалку 50 луѓе се стравува дека загинале во шумските пожари во регионот Атика во околината на Атина, во еден од најголемите пожари кои ја зафатиле Грција во последните десетина години.

Според Црвениот крст, 26 тела се пронајдени во двор на вила во крајбрежното село Мати, кое се смета за средиште на катастрофалните пожари. Пред трагичната вест за овој случај, официјалните бројка која ја соопштуваа службите беше 24 мртви.

Македонски државјани засега не се обратиле за помош во Дипломатско-конзуларното претставништво во Атина, информираа од Министерство за надворешни работи на Република Македонија.

Како дел од спасувачката операција биле користени чамци и хеликоптери за да се евакуира плажата. Во меѓувреме трае потрагата по 10 туристи кои од оганот побегнале во чамец, јавуваат спасувачките служби, пренесува ББЦ.

„Ќе сториме сè што е во нашата моќ да ги ставиме пожарите под контрола“, изјавил премиерот Алексис Ципрас за новинарите.

Во гаснењето на пожарите учествуваат стотици пожарникари, кои ја опишуваат ситуацијата како „екстремно тешка“.

Поголемиот дел од жртвите биле заробени во селото Мати, оддалечено 40-тина километри североисточно од Атина, и загинале или во своите домови или во нивните автомобили.

Селото е лоцирано во регионот Рафина, популарно меѓу локалните туристи, кое најчесто е посетувано од деца кои одат во камповите за време на летниот распуст и од пензионери, пренесува агенцијата Ројтерс.

Најмалку 104 луѓе се повредени, од кои 11 се критично. Меѓу тешко повредените, 16 се деца.

„Мати не постои како место повеќе. Гледав мртви тела, изгорени автомобили. Права среќа е што сум жива“, раскажува една жена за грчката Скај телевизија.

„Среќа што морето беше во близина, па влеговме во вода. Бидејќи огнот не следеше сè до водата. Ни ги изгоре грбовите и моравме да нуркаме во вода. Си реков: Ох, Боже, мораме да трчаме за да се спасиме“, изјавил Костас Лаганос, кој ја преживеа катастрофата во Мати.

Премиерот Ципрас прогласи вонредна состојба за регионот Атика, соопштувајќи дека сите сили за заштита и спасување во земјата се мобилизирани.

Грчата влада побара помош од европските земји за справување со пожарите. Италија, Германија, Полска и Франција испратија авиони и противпожарни возила, како и пожарникари за справување со елементарната непогода. Од македонската Дирекција за заштита и спасување соопштија дека и Македонија ќе испрати два авиони за гаснење на пожарите.

Од Министерството за надворешни работи на Македонија препорачуваат на државјаните на Република Македонија да избегнуваат патувања во регионот на Атика. Од таму и информираат дека контакт телефонот на Дипломатско конзуларното претставништво во Атина е 0030 694 474 3071.

Ова се најголемите пожари кои ја зафатиле Грција од 2007 година, кога десетици луѓе загинаа во јужниот дел на Пелопонез.