Најмалку 38 убиени на вчерашните протести против воениот пуч во Мјанмар

Безбедносните сили во текот на вчерашниот ден убиле најмалку 38 демонстранти на протестите против воениот пуч во Мјанмар, јавува „Евроњуз“, Ова претставува највисок дневен биланс на жртви откако војската ја презеде власта на 1 февруари, што доведе до протести во голем број градови во земјата.

Бројот на загинати беше соопштен од претставничката на Обединетите нации во земјата, Кристин Бургенер, која рече дека вчерашниот дел бил најкрвавиот ден од почетокот на пучот. Канцеларијата на ООН исто така соопшти дека во неделата биле убиени 18 лица.

Според организацијата „Спасете ги децата“, од неделата досега се убиени најмалку четири деца. Оттаму преку соопштение се огласија дека „бруталните сцени на насилство и смрт потсетуваат на бојно поле, при што безбедносните сили користат муниција за да пукаат во невооружени демонстранти, од кои многу од нив се млади лица“.

„Значителен број деца се ранети, а тие исто така страдаат од ефектите на солзавците кои што протекуваат во нивните домови“, предупредуваат оттаму.

Меѓународната заедница бавно реагираше на насилството кое го вршат безбедносните сили врз демонстрантите кои продолжија да протестираат и покрај заканата за нивната безбедност.

На видеата од вчерашниот ден се гледа како безбедносните сили пукаат со муниција кон демонстрантите, бркајќи ги, па дури и брутално претепувајќи екипи на брзата помош.

Војската на почетокот на февруари ја презеде власта и ја собори избраната влада на Аунг Сан Су Чи со државен удар.