Најмалку 30 цивили загинале во турските напади на северот од Сирија

Најмалку 30 цивилни жртви се регистрирани по турската воена офанзива на северот на Сирија, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права чие седиште е во Велика Британија.

Тие додаваат и дека загинале 74 припадници на Сириските демократски сили, кои се предводени од Курдите, како и 49 сириски бунтовници кои се сојузници со Анкара. Според организацијата, загинати се и осум турски војници, но турските власти официјално соопштиле дека има само пет жртви.

Додека трет ден трае бомбардирањето, според Обединетите Нации преку сто илјади луѓе биле принудени да ги напуштат неколкуте градови кои се мета во конфликтот.

Турција, која ги започна нападите во средата, вели дека интервенцијата била „неопходна за да се создаде безбедна зона покрај границата“ каде планираат да префрлат повеќе од 3 милиони бегалци кои ги згрижуваат во моментов.