Најмалку 25 жртви од шумските пожари во Калифорнија

Бројот на жртви од шумските пожари, кои зафатија делови на американската држава Калифорнија, се искачил на 25 лица, соопштиле локалните власти.

Овие информации доаѓаат откако уште 14 мртви лица се најдени во областа „Парадајс“, град во северна Калифорнија, кој е целосно уништен од огнот.

На местото на настанот донесен е дополнителен тим за потрага по исчезнати лица. Пронајдените тела се уште не се идентификувани, процес кој ќе мора да се прави преку ДНК анализа бидејќи во повеќето случаи пронајдени се целосно изгорени тела.

Противпожарните служби објавија снимки кои покажуваат изгорени куќи и возила. На дел од нив се гледа и како градот Малибу, каде живеат голем број од познатите холивудски ѕвезди, бил зафатен од пожарот распален од силниот ветер.

Претходните денови беа евакуирани преку 200 илјади луѓе од своите домови во Калифорнија. Метеоролозите предупредуваат дека временските услови продолжуваат да бидат лоши и следната недела, додека противпожарните служби се надеваат дека пожарите ќе ги стават под контрола.

Во меѓувреме, сателитските снимки од НАСА ја покажуваат големината на територија зафатена од пожарите.