Најмалку 2 милијарди жени во светот, според статистички проценки, биле жртви на сексуално вознемирување

Мнозинството жени во светот претрпеле сексуално вознемирување. Според достапните истражувања, се проценува дека најмалку 75 проценти од женската популација, од 2,7 милијарди жени на возраст над 18 години, или 2 милијарди жени биле жртва на сексуално вознемирување, пишува демографот Џозеф Шами, поранешен директор на Одделот за население на Обединетите Нации.

Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека 35% од жените во светот, или околу 930 милиони, претрпеле физичко и/или сексуално насилство во нивниот живот. СЗО ова ниво на насилство врз жените го смета за огромен проблем по јавното здравје, како и сериозно прекршување на човековите права на жените.

Проценка на пропорцијата и бројката на жени во светот, постари од 18 години, кои доживеале сексуално и/или физичко насилство (лево) и сексуално вознемирување (десно)

Иако дефинициите за сексуално вознемирување врз жените се доста различни во различните делови од светот, тоа генерално се однесува на недобредојдено и несакано однесување, или приморање од сексуална природа која го нарушува достоинството на жената и личната благосостојба и создава застрашувачка, омаловажувачка и непријателска околина.

Во сексуалното вознемирување спаѓаат многу нешта, како: сексуален напад, несакан притисок за сексуални врски или услуги, несакан намерен допир, притеснување, следење, коментари кои наведуваат на секс и несакана комуникација од сексуална природа.

Авторот на текстот проценува дека пропорцијата на жени кои доживеале сексуално вознемирување драстично се разликува низ државите – од 50 проценти, дури над 90 проценти.

Проценка на пропорции на жени над 18 години кои претрпеле сексуално вознемирување, за одбрани држави, во периодот 2012-2015

Последиците од сексуалното вознемирување можат да бидат многу сериозни, се наведува во текстот. Во зависност од различни фактори, како природата и видот на вознемирувањето, културното окружување и социјалната поддршка, а дополнително со чувството на бес и срам, сексуалното вознемирување може да има сериозни ефекти на здравјето, како депресија, вознемиреност, стрес, главоболки, негативна самодоверба, несоница и дури симптоми на пост-трауматски нарушувања. Последиците за жените можат да бидат и откази од работа, губења на унапредување, стигматизација, невработеност, помали приходи и нарушени кариери.

Авторот Шами заклучува дека општествата и културите мораат да го променат односот, нормите и однесувањето и на мажите и на жените кога се однесува за третирањето на жените во работниот и јавниот простор. Жените и мажите кои јавно зборуваат за своите искуства, организираат мрежи на поддршка и преземаат акција против сексуалното вознемирување врз жените се критични во остварувањето на овие потребни општествени промени.