Најмалку 15 убиени при вооружен напад на универзитетот во Кенија

Најмалку 15 се убиени при денешниот напад на вооружените лица на милитантската група Ал-Шабаб на универзитетот Гариса во Кенија. Маскираните милитанти упаднале во кампусот на универзитетот каде ги одвоиле муслиманските и христијанските студенти.

Во четвртокот, во раните утрински часови, била пријавена тешка престрелка на кампусот при универзитетот Гариса во Кенија, на речиси 200 километри од сомалиската граница, кога милитантите ја нападнале зградата. Во тој момент, во зградата биле 800 студенти, а досега се знае само за 280 од нив.

Националната полициска служба на Кенија вели дека вооружените милитанти пукале кон стражарите на кампусот со цел да влезат, предизвикувајќи „жестока престрелка“. Напаѓачите успеале да влезат во еден од студентските домови, а некои останале заробени внатре.

Претставник од милитантската група Ал-Шабаб изјави дека групата е во зградата и ги има ослободено муслиманските студенти.

„Убивме многу луѓе, Кенијците ќе бидат шокирани кога ќе влезат внатре“, се вели во цитатот кој го објави BBC.

Еден од студентите рече дека слушнал како милитантите ги отворале вратите и ги прашувале оние кои се криеле внатре дали се муслимани или христијани.

„Ако си христијанин, те убиваат на лице место“, изјави студентот.

„Со секое пукање на пиштолот, мислев дека ќе умрам“, додава тој.

Бројот на заложниците кои се држени од групата не е познат. Полицијата и воените сили велат дека се обидуваат да ги исфрлат вооружените лица од кампусот. Од Оперативниот центар за природна катастрофа на Кенија велат дека 65 лица биле повредени.

Се вели дека еден од осомничените терористи бил уапсен додека се обидувал да побегне од местото на настанот. Еден од полициските службеници изјави дека избројал 14 тела кои биле извадени од кампусот од Брзата помош на Црвениот крст.

„Тие вклучуваат две тела на наши службеници, кои исто така беа убиени“, изјави полицаецот за Reuters.

„Се соочуваме со тешкотија да пристапиме на кампусот бидејќи некои од напаѓачите се на врвот од едната зграда и пукаат во нас кога се обидуваме да влеземе“, објаснува тој.

Еден од студентите кој успеа да побегне опиша хаотични сцени кога напаѓачите упаднале во универзитетот.

„Тие пукаа по случаен избор“, изјави студентот.

„Мојот живот беше во опасност, всушност сечиј. Тие пукаа кон нас со куршуми, насекаде, низ целиот училишен кампус. Се обидов да ги побарам (студентите кои се уште се заглавени внатре), но не можев да добијам никој“, додава тој.

Двајца од жртвите биле стражари. Американската амбасада во Најроби го осуди убиството како „терористички напад“ на својата официјална Twitter страна.

Една од претставниците нс Црвен Крст изјавил за BBC дека нападот започнал во пет часот по локално време, кога била фрлена граната пред влезот на универзитетот.

„Напаѓачите отидоа кон хостелот на девојките, кога го презедоа хостелот“, рече таа.

„Силите одговорија и ја презедоа операцијата и го затворија кампусот. Според властите во локалниот округ, имаме 30 жртви кои беа пренесени во болница. Четворица од нив се во сериозна состојба, а повеќето од жртвите имале прострелни рани“, вели таа.

Полицаец од местото на настанот изјави дека околу 49 лица биле повредени во нападот, сите со рани од куршуми и шрапнели.

Групата Ал-Шабаб е одговорна за серија напади во Кенија во последните неколку години, која тврди дека е одмазда поради тоа што Кенија испраќа војници во Сомалија.

Извор: independent.co.uk