Најмалку 15 мртви и шест исчезнати во невремето кое вчера го зафати Скопје

Невремето кое минатата вечер го зафати Скопје зад себе остави најмалку 15 жртви, потврди МВР. До утринава во 8.30 часот примени се 22 повредени лица во скопските клиники, а пријавени се и шест исчезнати лица.

Во Арачиново, Сингелиќ и Стајковци, како најпогодени места од невремето, има и голем број повредени.

На неколку места има и одрони и свлечишта, а голем број домови се поплавени.

Поради настанатите свлечишта кај клучката кај Стајковци према клучката Радишани, по излегување на местото на настанот од страна на полициски службеници, било констатирано дека се заглавени околу 70 возила, пишува во соопштение на МВР. Свлечиште било пријавено и на обиколницата на потегот Ѓорче Петров према Стенковец.

Во Стајковци синоќа интервенираше и војската. Собранието во 14 часот ќе одржи вонредна седница поради елементарната непогода.