Најлоша година за туризмот во историјата со затворени 1 од 3 туристички дестинации

Речиси една третина од дестинациите ширум светот во моментов се целосно затворени за меѓународни туристи поради пандемијата, соопшти туристичкото тело на Обединетите нации, а пренесува TRT World.

Владите првично започнаа со ублажување на ограничувањата за патувања минатата година, но ја сменија одлуката откако се појавија нови видови вируси и поради „постојаната сериозност на епидемиолошката состојба“, стои во извештајот на Светската туристичка организација со седиште во Мадрид.

На почетокот на февруари, 69 дестинации од 217 низ светот, или 32 проценти, беа целосно затворени за меѓународен туризам – вклучително 30 во Азија и Пацификот, 15 во Европа и 11 во Африка.

Тоа е помалку од врвот во мај 2020 година кога 75 проценти од дестинациите ширум светот беа целосно затворени, во споредба со ноември кога беа затворени 27 проценти.

Околу една третина од светските дестинации сега имаат главно барање за влез со презентирање на негативен тест, често во комбинација со карантин.

„Ограничувањата за патување беа широко користени за спречување на ширењето на вирусот. Сега, додека работиме на рестартирање на туризмот, мора да признаеме дека ограничувањата се само еден дел од решението”, вели шефот на Организацијата, Зураб Полиликашвили.

Пристигнувањата на меѓународните туристи се намалиле за една милијарда или 74 проценти во 2020 година. Според, Светската туристичка организација ова е „најлошата година во историјата на туризмот“.

Пандемијата ја чинеше глобалната туристичка индустрија 1,3 трилиони долари загубени приходи минатата година, повеќе од 11 пати поголема од загубата забележана за време на глобалната финансиска криза во 2009 година.