Најголемото претставничко тело на младите упати итни барања до новото парламентарно мнозинство

Управниот одбор на Национален младински совет на Македонија (НМСМ), како најголемо претставничко тело на младите во земјата, а во пресрет на процесот за формирање на нова Влада на Република Македонија, предводена од СДСМ и коалиционите партнери, упатува приоритетни барања до новото парламентарно мнозинство.

Од НМСМ информираат дека нивните барање добиле поддршка и од Европскиот младински форум, најголемото претставничко тело на младинските организации на Европско ниво.

„Како најитни приоритети поврзани со НМСМ и со младинските прашања и процеси во земјава, ги издвојуваме следниве:

1.Признавање на Националниот младински совет на Македонија како единствено претставничко тело на младите во Македонија;

2.Определување на средства за НМСМ од Буџет на Република Македонија на годишно ниво;

3.Ревидирање на Националната стратегија за млади;

4.Ревидирање и реформирање на Агенцијата за млади и спорт;

5.Структурна консултација со НМСМ за сите прашања и политики поврзани со млади;

6.Поништување и повторување на процесот за избор на младински претставник од Македонија во Регионалната канцеларија за меѓународна соработка (RYCO);

Поставување на овие прашања како приоритети на новоформираната Влада би претставувало значителен чекор кон подобрување на положбата на младите во земјава, поставување на младите како приоритет и значителен напредок кон обезбедување вистинско младинско учество.

Национален младински совет на Македонија, кој обединува 49 сојузи, младински организации, организации за млади и подмладоци на политички партии, во изминатите 4 години активно делува кон застапување на младинските прашања и предизвици, позиционирајќи се како релевантен актер во процесите на носење на одлуки на национално и локално ниво.

Европскиот младински форум  како тело кое вклучува повеќе од 100 национални совети, интернационални организации и мрежи од цела Европа и има воспоставено структурна соработка со Европска комисија, испрати своја поддршка кон ваквите барања“, се наведува во соопштението на НМСМ.