Најголемото дрво во светот завиткано со огноотпорни фолии поради пожарите во Калифорнија

Пожарникарите ја обвиткаа основата на најстарото дрво во светот со огноотпорен материјал, додека се обидуваат да го заштитат познатото место на џиновските секвоји од пожарите кои беснеат во Калифорнија.

Покрај огромното дрво наречено „Генерал Шерман“, со ваков материјал биле прекриени и Музејот на џиновската шума и други објекти во Националниот парк „Секвоја“.

Алуминиумската обвивка може да издржи големи температури во краток временски период. Федералните служби велат дека го користат овој материјал неколку години низ западниот дел од САД за заштита на чувствителни објекти од оган.

Дрвото „Генерал Шерман“ е најголемото дрво во светот со волумен од 1.487 кубни метри. Високо е 84 метри и има обем од 31 метар во неговата основа.

Фото: Национален парк „Секвоја“

Пожарот кој гори во Националниот парк се очекува во текот на денов да стигне до џиновската шума каде што се наоѓаат 2.000 прастари секвоји. Овие пожари повторно се закануваат на локацијата, откако минатата година во шумски пожар изгореа илјадници секвоји на истата локација, некои стари и по илјадници години.

Историската суша и жештините поврзани со климатските промени предизвикаа шумските пожари да бидат потешки за локализирање во американскиот запад. Научниците велат дека климатските промени го направиле регионот многу потопол и посув последниве 30 години и ќе продолжи да предизвикува екстремни временски појави и шумски пожари кои ќе бидат почести и подеструктивни.