Најголемата хип-хоп група Ву-Танг Клан ќе настапи на „Си Стар“

Најголемата хип-хоп група Ву-Танг Клан (Wu-Tang Clan) го потврди доаѓањето на Си Стар Фестивал во рамки на големата странска турнеја во Америка и Европа.

По настапот во Берлин, Лондон, Париз и другите европски метрополи, Ву-Танг доаѓаат и во Умаг, а нивниот настап на „Адико Тесла“ бината на „Си Стар“ ќе биде ексклузивен за целата централна, јужна и источна Европа. Во Истра се очекуваат десетина илјади фанови од целиот регион и бројни земји кои не ги опфати нивната овогодишна „Gods of Rap“ турнеја, во рамки на која одбележуваат 25 години од излегувањето на веројатно највлијателниот рап албум – „Enter the Wu-Tang (36 Chambers)“.

Ву-Танг се придружуваат на моќната музичка екипа од веќе потврдените изведувачи за Си Стар, во која се водечките техно изведувачи на денешницата Свен Ват (Sven Väthi ) и Нина Кравиц (Nina Kraviz), британската хип-хоп дива „Ај-ем-ди-ди-би“ (IAMDDB), добитникот на „Ibiza Awards“ наградата за најдобар техно диџеј Иларио Аликанте (Ilario Alicante), авторот на најпродаваните техно траки на „Битпорт“, Енрико Санџулијано (Enrico Sangiuliano) и многу други!

Ву-Танг Клан имаат продадено неверојатни 40 милиони албуми. Сањин Ѓукиќ, директорот на Си Стар фестивалот, истакна дека Ву-Танг Клан е состав со чија музика пораснаа генерации и кој ја обликуваше хип хоп сцената каква што ја гледаме денес: „Да се има големиот Ву-Танг Клан во полн состав на турнеја со која се одбележуваат 25 години од еден од најважните албуми во историјата е сам по себе музички, културен и туристички настан без репер. Вложивме многу напори оваа јубилејна турнеја, резервирана само за огромните арени во Америка и Западна Европа, да ја преселиме на повеќе од 2000 километри и да ја донесеме во Умаг, па очекуваме вистинска инвазија на Стела Марис од нивните фанови од сите краеви на Европа“.

„Поради тоа преговорите со менаџментот на Ву-Танг Клан траеја со месеци, но успеавме да ги добиеме и да се осигураме дека регионалната публика ќе ги има најниските цени на влезници, кои на нивната турнеја оваа година достигнуваат и повеќе од сто евра. Лично сум среќен што повторно ги носиме на овие простори, бидејќи нивниот речиси митски концерт на Егзит во 2007 година нема да го заборавам додека сум жив“, изјави изјави на прес конференција Сагор Мешковиќ, директор на комуникации на Егзит.

Фет Фили (Phat Phillie) и Еф-ар-екс (Frx), двајцата големи хип хоп авторитети и основачи на Блекаут (Blackout), сложни се во оценката дека Ву-Танг Клан уште со првиот албум се запишаа во историјата: „Сега, на нивниот 25-ти јубилеј со големо право ги сметаме за носечкиот столб на целиот хип хоп, не само на тој од Златната ера. Огромната сила на бендот отсекогаш лежеше и во колективот. Ву Танг се единствен собир на неверојатно креативни музички и лирски супериорни ем-сија, неспоредливи со било кого на сцената“.

Њујоршките рап револуционери се заслужни за тектонските промени во својот жанр уште од споменатото деби од 1993-та, кое и денес нуди основа за младите фанови жедни за врвен хип хоп. Формирани во 1992-ра во Њујорк, Ву-Танг се сметаат за најголемата група во историјата на хип хопот. Инспирација влечеле од кунг-фу филмовите и суперхеројските стрипови, а заслужни се за некои од круцијалните хип хоп нумери со кои речиси создадоа цел нов жанр. Комплетниот состав сочинет од водачот и визионер Риза (RZA), и останатите Ву Танг воини Џиза (GZA), Метод Мен (Method Man), Рејквон (Raekwon), Гоустфејс Кила (Ghostface Killah), Инспекта Дек (Inspectah Deck), Ју-гад (U-God), Маста Кила (Masta Killa) и Кападона (Cappadonna) е легендарна токму поради силата, специфичноста и карактерот на секој поединечен член чија поврзаност за кланот е толку силна, што меѓусебно се доживуваат како семејство.

Цената на влезниците за Си Стар со 50% попуст изнесува 1999 денари за двата дена на фестивалот, а поради огромниот интерес од сите краеви на Европа, оваа цена ќе биде актуелна до 15-ти април. На Си Стар досега потврдените имиња се Свен Ват, Нина Кравиц, Иларио Аликанте, Енрико Санџулијано, Петар Дундов, Диџеј Џок, Лоренс Клајн и Јуник, како и богатата хип хоп програма во соработка со Дрито, најголемиот регионален клупски трап и хип хоп фестивал, кој го сочинуваат новата нео соул и аренби дива Ај-ем-ди-ди-би, Војко В, Кранкшвестер, Фокс, Хај фајв, Бунтаи, Смоук Марџелано и Хазе.