Најдоцна до 9 јануари Иванов ќе го довери мандатот за состав на Влада

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во согласност со Уставот на РМ, до 9 јануари треба да му го довери мандатот за состав на Владата на РМ на кандидатот на партијата, односно на партиите што имаат освоено најголем број пратенички места во Парламентот. 

Потоа, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, мандатарот е должен да го предложи составот на Владата и треба да му поднесе програма на Собранието.

На предлог на мандатарот, Собранието ја избира Владата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Претседателот Иванов во неделата изјави дека ќе ги испочитува роковите според Уставот за доверување на мандатот за формирање на Владата.

На предвремените парламентарни избори, најмногу пратенички места освои Коалицијата за подобра Македонија, предводена од ВМРО – ДПМНЕ, 51 мандат, потоа Коалицијата за подобар живот во Македонија предводена од СДСМ – 49 мандати, ДУИ освои 10 пратенички места, Беса – 5, Алијанса на Албанците – 3 и ДПА – 2.