Најдобрите програмери по десетти пат ќе се натпреваруваат на CodeFu

Натпреварот во решавање алгоритамски проблеми CodeFu, што веќе десетта година по ред го организира софтверската компанија Netcetera, ќе почне да се одржува деновиве. На овогодинешното јубилејно издание ќе можат да учествуваат додипломци и последипломци од земјава.

Овој натпревар првпат почна да се организира во 2007 година, а правилата се речиси исти до денес. Од вкупно пријавените, со принцип на елиминација во две рунди, остануваат само 32 натпреварувачи кои се натпреваруваат во финалето. Покрај ранци, маички и сличните подароци за сите учесници, победниците на натпреварот добиваат атрактивни награди како што е целосно платено патување во Цирих со цел посета на конференцијата Jazoon.

Големиот натпревар не е единствениот CodeFu настан во текот на годината. Тој со себе носи и четири сезонски натпревари, каде наградите за победниците се андроид таблети, како и повеќе Community натпревари, каде што натпреварувачите самите ги поставуваат задачите кои треба да се решат.

Правилата на учество и информации за натпреварот се достапни на страницата на CodeFu.