Најдобрите млади преведувачи: Желбата не е доволна за вршење на професијата, ни треба квалитетна настава

Преведувачката работа претставува огромна одговорност, која бара преведувачот да влезе во кожата на авторот, а тоа најчесто претставува подолг и тежок мисловен процес, велат најдобрите млади преведувачи Даниела Здравковска и Санберк Јусуф. Тие се добитници на годинешната награда „Вавилон“ која веќе три години ја доделува Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Скопје во соработка со Здружението на преведувачи МАТА. Тие велат дека ова признание е од огромно значење кое ќе им служи како поттик во иднина.

За Здравковска ова е првпат да учествува конкурсот, а се пријавила со извадок од романот на Паоло Мауренсиг „Теорија на сенките“. Вели дека за да го заврши преводот од италијански на македонски јазик и требало време за оригинално да ја пренесе пораката на авторот, задача за која вели дека не била лесна.

„Беше задоволство за мене да се преведува одломка од роман на Мауренсиг бидејќи навистина е автор чие писмо и стил го ценам. Особено е интересна и приказната според која настанал романот. Имено, за време на едно патување во воз низ завојуваната Европа, Мауренсиг сретнува човек од просторите на бивша Југославија. Тој му раскажува како благодарејќи на шахот успеал да ги преживее ужасите на војната. Овој факт, т.е. врската на Мауренсиг со Балканот, беше само причина повеќе изборот да падне токму на овој роман“, објасни Здравковска.

Јусуф, пак, од англиски на турски јазик го превел краткиот роман „Grief is the Thing with Feathers“ на англискиот писател Макс Портер, за што му биле потребни два месеци.

„Бидејќи преведувањето е многу сложен мисловен процес и секогаш е тешко потполно да се разбере  изворниот текст на авторот и да се пренесе неговата оргинална мисла. Така што при преведувањето освен чувството за јазикот неопходни се пошироки познавања на  целната култура. Откако завршив со детално прегледување на преводот бев задоволен со сработеното, но мислам дека никогаш не може да се направи совршен превод на едно дело“, вели Јусуф.

И двајцата се задоволни од признанието кое го добија и што имаа можност да ја споделат својата работа јавно. Тие ги поздравуваат ваквите манифестации и сметаат дека треба да бидат почести. Најголемиот предизвик за еден преведувач, како што велат, е преводот да звучи што поприроден и да се доволи мислата на авторот.

Санберк Јусуф (десно)

„Бидејќи преведувањето подразбира одмерност, логичност  и следење на поредокот на мислите, честопати поради разликите помеѓу јазиците, смислата на некоја реченица или збор не може целосно да се пренесе. Меѓутоа, треба да се цели кон најблиското решение. Додека го преведував романот ,,Grief is the Thing with Feathers’’ често пати наидував на реченици или фрази кои што не можеа директно да бидат преведени на турски јазик. Поради тоа се трудев  да ги употребам  најсоодветните изрази и да ги  применам соодветните фрази и зборови за преводот да биде поавтентичен, посоодветен на значењето и  што поблиску до оргиналот.  Што се однесува до  предизвиците  со кои се соочуваме , сакам да нагласам дека, особено денес, во ерата на технологијата, преведувањето станува покомплексно и подинамично но и вистински предизвик за преводот да биде подобар“, смета Јусуф.

Сличен став има и Здравковска, која вели дека непостоењето на два идентични јазични системи доведува до ситуација преведувачот да посегне и по објаснување на други јазици за да ја сфати идејата.

„Не постојат ниту богати ниту сиромашни јазици иако, ако ги земеме предвид бројките, некои јазици навистина имаат голем јазичен фонд. Преводот знае да биде голем предизвик особено кога се работи за фразеолошки изрази кои се присутни во појдовниот јазик, а не секогаш се наоѓа совршен еквивалент во дојдовниот. Токму тука се гледа умешноста на преведувачот. Од друга страна, постојат писатели кои знаат многу лесно да си играат со зборовите и при тоа таа игра на зборови да има совршена рима и значење во даден контекст. Навистина е тешко истото да се долови и на дојдовниот јазик“, вели Здравковска.

На социјалните мрежи сè почесто може да се прочитаат критики во однос на квалитетот на преводите, било за на книги, или филм. Според Јусуф, ова можеби се случува поради недоволната функционалност на контролните механизми, на што се надоврзува и Здравковска, која вели дека е потребен строг филтер на преводите.

„Неколку преводи на книги кои ги имам прочитано според мене не се доволно добро преведени. Исто така, во преводите на некои серии има многу основни граматички грешки во преведувањето. Мислам дека тука прашањето е колку знаење и искуство треба да поседува еден преведувач за да може да преведе книга, а колку за да преведе филм. Треба да се разликуваат некои автентични зборови на целниот јазик и да се прилагодат на јазикот  на кој се певедува. За мене, има голема разлика кога станува збор за преведувањето на книжевни дела, аудио визулени текстови или пак учебници“, смета Јусуф.

Даниела Здравковска (десно)

„Навистина сметам дека преведувачката работа е многу одговорна. Преведувачот мора навистина да влезе во кожата на авторот за да ја сфати поентата на книгата и истата да ја долови. Секако зборуваме за книжевен превод, но да не заборавиме на стручните преводи кои бараат посебно познавање од одредената област. Од суштинско значење за еден преведувач е и надградбата на мајчиниот јазик за кој преведувачот мора да има големо знаење, широк фонд на зборови и постојано да трага по нови решенија за превод за одредени зборови и синтагми. Во ниедна работа, не сè што се пласира на пазарот е со совршен квалитет, па така и со преводот. Треба навистина да се направи строг филтер на преводи кои ќе бидат објавени за да се избегнат ситуации во кои навистина преводот е полн со грешки и со бесмислени реченици. Преводот треба да биде и алатка за збогатување на мајчиниот јазик, па оттука од суштинско значење е квалитетот и умешноста на преведувачот“, додава Здравковска.

Јусуф и Здравковска сметаат дека потребни се повеќе вакви натпреварувања, работилници и конференции каде ќе може да се промовираат младите и талентирани преведувачи. Според Јусуф, проблем кој ги засега преведувачите се цените за преводите по една страница, за кои вели дека се многу паднати во споредба со препораките за тарифирање, па поради тоа, тој смета дека стремежот не е доволен предизвик за вршење на професијата.

Здравковска, пак, го забележа проблемот со преполните катедри на Филолошкиот факултет, иако не го оспорува фактот дека оттука излегле навистина врвни јазичари, филолози, наставници и преведувачи.

„Сметам дека Министерството за образование треба да има малку подиректен пристап во оценувањето на состојбата на пазарот на трудот, т.е. на побарувачката за одредени професии како и јазици, па во согласност со јасни и конкретни информации, да го одлучи бројот на квотите. Драго ми е што за некои катедри се намали бројот бидејќи, ако гледаме реално, тие млади дипломирани луѓе утре не би имале што да работат, а камо да најдат работа во својата струка. Во текот на четиригодишното студирање имав можност и самата да се уверам во преобемниот број на студенти на одредени катедри. Дури и половина од тие студенти да дипломираат по четиригодишни студии е навистина многу за толку мал пазар како македонскиот.  Ја користам приликава за да спомнам и за квалитетот на наставата на факултетите“, смета таа.

Таа е среќна што имала можност да посетува настава со врвен кадар, но според неа, Универзитетот е должен да воведе реформи кои навистина ќе создадат квалитетна настава.

Е.П.