Најдобрите дебатери на Националното првенство: Ја заменуваме празната реторика со аргументирани ставови и идеи

Андријана Пејчиновска, Јаков Шаревски и Анастасија Марковска беа најдобрите дебатери на Националното дебатно првенство за дебатери средношколци, кое неодамна го организираше Дебатната програма на Младинскиот образовен форум.

Радио МОФ разговараше со тројцата дебатери за искуството на националното првенство, но и за значајноста на дебатата како форма на аргументирано изразување и нејзиното (не)присуство во образованието кај нас.

Дебатата, вели Андријана Пејчиновска, навистина ја сменила и унапредила како личност, не само во комуникацискиот туку и во логичкиот и критичкиот дел во нејзиниот живот.

„Сепак, најважното нешто што дебатата ме научи е секогаш да гледам од двете перспективи на одреден проблем, и од афирмацијата и од негацијата, и да го изберам најиздржливиот. Оваа карактеристика освен што е корисна во професионален поглед, корисна е и во приватниот живот, важна особина на еден граѓанин која најбрзо и најефикасно се стекнува преку дебата“, додава Пејчиновска, која веќе трета година учествува во Дебатната програма.

Дека дебатата имала огромен придонес во нејзиното оформување како личност, согласна е и Анастасија Марковска: „Дебатата ми го олесни усното изразување и сосем го отстрани стравот со кој се соочував порано, ме научи како да ги преиспитувам личните ставови и подлабински и пообјективно да ги анализирам случувањата околу мене. Важно е да се биде дебатер токму поради споменатите вештини со кои се здобив, и мислам дека поседувањето на овие карактеристики е навистина полезно и за индивидуата и за општеството“, смета таа.

Тезите на кои се дебатираше во четирите прелиминарни и финалната рунда беа од областа на „Вештачката интелегенција“ и „Државното и политичко уредување“.

Шаревски вели дека вештачка интелегенција е можеби една од најсовремените теми денес, која била интересна, но и тешка да се дебатира.

Пејчиновска го надополнува дека иако тезата изгледала многу футуристичка, после долги истражувања, сфатиле дека вештачката интелегенција е всушност насекаде околу нас, и е многу актуелна тема за дискусија на технолошките делови на интернетот.

Иако дебатата многу ги надградила како личности и дополнително го поттикнала кај нив критичкото размислување, велат дека надвор од неформалното образование, е недостапна.

За Марковска, МОФ е единственото познато место кое пружа квалитетна дебатна обука во Македонија. Но, освен во Скопје и неколку други градови, во Македонија дебатата нема каде да се учи.

Шаревски вели дека дебатата недостасува најмногу во формалното образование.

„Конвенционалното образование во својот концепт не вклучува никаква форма на дебата, која би можела да ги научи учениците дека треба да се сослушаат и да размислуваат надвор од тоа што тие го сметаат за универзална вистина“, смета тој.

И Пејчиноска вели дека во 10 години учество во образованието во Македонија, освен во неформалното, на ниту едно друго место во областа на образованието не се соочила со вистинска дебата.

„Дури и реномирани јавни говорници имаат проблеми со дебатерските вредности. Но, со понатамошното вклучување на дебатата во секојдневниот живот на просечниот граѓанин можеме да стигнеме до критичко-поставеното општество кон кое целиме“, заклучува таа.

Токму затоа сметаат дека младите луѓе треба да се бават со дебата и да ги користат можностите кои ги имаат да учат и да се надоградуваат.

„Една од најважните особини на цивилизирани луѓе е да влезат во дискусија во која ќе го перцепираат и сослушаат и туѓото мислење и нема да го земат своето како непобивна вистина“, вели Шаревски. Токму тоа, додава, го научил преку дебатирањето.

Голем удел во психата на еден млад човек, додава Пејчиновска, е потребата да си го искаже својот став и да биде слушнат за истиот.

„Имајќи предвид дека младинските политики и вклучувањето на младите во изнаоѓање на решенија се доста неразвиени демократски принципи во земјава, дебатата им дава можност на младите да си го искажат својот став без страв за реперкусии, како и да ја покажат својата перспектива за одредено прашање или проблем“, подвлекува таа.

На прашањето што луѓето кои ги креираат политиките во земјава можат да научат од дебатерската култура, Шаревски одговара:„Истото што секој го учи од дебата – да размислуваат за туѓите мислења и да не го земаат своето како универзално точно, можеби би ја научиле и важноста на аргументацијата и би  ја замениле празната реторика со аргументирани ставови и идеи“.

Марковска и Шаревски ќе го претставуваат Младинскиот образовен форум и Македонија на Интернационалната дебатна академија која ова лето ќе се случува во Чешка, каде одат да ги бранат боите на клубот, но и да ги усовршат своите вештини.

„Верувам дека Чешка ќе биде одлично искуство, и поради шансата да ги усовршам дебатерските вештини, и поради фактот што ќе поминам 10 дена со остроумни врсници со кои го делам мојот интерес кон дебатата. Иако сметам дека сум доволно подготвена, сепак очекувам предизвици со чие надминување ќе се унапредам себе си на „дебатерски план““, заклучува Марковска.

С.Т.