Најдобрите 500 студенти на УГД ќе добијат стипендии

Стипендија во висина на нивната партиципација ќе добиваат 500 најдобри студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, информираше проректорот за наука на УГД,  Блажо Боев. Фондот з стипендии, додаде тој, се формира како резултат на долгогодишната соработка со бизнис секторот, кој ќе помага во обезбедување на средствата за стипендирање на студентите на УГД.

„Според нашата темелна определба бизнис заедницата да влезе во поголема соработка со УГД, формиран е фонд за стипендирање на студенти со поддршка од бизнис заедницата. Во почетокот на учебната 2015/2016 година ќе се доделуваат првите стипендии. Тоа е фонд кој е финансиран од бизнис секторот. Во текот на зимскиот семестар фондот ќе распише 300 стипендии за студентите на УГД и во текот на летниот период 200 стипендии. Стипендии ќе добиваат најдобрите“, изјави Боев.

Како што најавуваат од штипскиот универзитет, критериумите за добивање на стипендиите дополнително ќе се разработуваат, но можност да ги добијат ќе имаат само студентите кои се во втора година или повисока година од студиите. Со овие стипендии нема да бидат таргетирани студентите од прва година, затоа што тие се на почеток и како дел од критериумите ќе биде успехот постигнат на факултетот.

Конкурсот ќе биде распишан на почетокот од студиската 2015/2016 година.