Како мало девојче кое растело во Нова Скотија, Канада, Меги МакДонел била загрижена од сограѓаните кои зборувале за Ми’кмак племето, домородци кои живееле во близок резерват. Велеле дека племето поставувало стапици на земјиштето на нејзиното семејство.
Се сеќава: „Отидов кај татко ми, огромен човек, околу шест стапки и постојано во шумите, и реков, „Тато, треба да се пазиш, Ми’кмак ловат на нашата земја““.
„Ме погледна и ми кажа, „Ова е нивна земја и ние секогаш треба тоа да го памтиме. Можат да ловат, рибарат и да поставуваат стапици каде и да сакаат. Ние сме гости на нивната земја““.
Годинава МакДонел беше прогласена за победничка на Глобалната награда за најдобар наставник, а ова постигнување и своите ставови ги поврзува со своите рани години.
„Имав среќа да имам такво влијание уште од мала“, објаснува.
„Можеби бидејќи другите деца не си одеа дома и го немаа тој разговор со своите родители, можеби имале разговор полн со предрасуди“.
Разбирањето на МакДонел за неправдите кои им биле сторени на канадските домородци, и помогнало при нејзината работа во училиштето Икусик, во инуитското село Салуит, северен Квебек, на Арктичкиот круг.
Тоа е изолирано место, каде младите луѓе имаат многу малку работни можности и каде има огромни проблеми со алкохол и дрога, како и шокантни нивоа на самоубиство кај тинејџерите.
На церемонијата за доделување на наградите, таа емотивно зборуваше за искуството да се предава во училиштето, после погреб на некој од учениците.
Нејзиниот успех е особено голем, бидејќи не ни знаела за наградата, која ја доделува Фондацијата Варкли, сè додека не ја номинирале за неа.
Сани Варкли, основач на фондацијата, вели дека таа ја добила наградата поради нејзината „суперчовечка“ упорност во обидите да ги подобри можностите на нејзините ученици во Салуит.
„Нема патишта за да стигнеш до тука, климата е тешка и овие заедници живеат како наследници на генерации кои живееле во нееднаквост.
Поради тешките услови, каде температурите достигнуваат до -25 степени Целзиусови во зима, многу од наставниците се откажуваат, што е значајна бариера за образованието на Арктикот“, вели Варкли.
„Многу наставници ја напуштаат работата после шест месеци, а многумина бараат денови за боледување поради голем стрес. Но, Меги остана шест години, упорно градејќи врска со нејзините ученици, влевајќи им надеж“, додава тој.
Но, од доделувањето на наградите во Дубаи во март, МакДонел ја искористува наградата за да ги потенцира потребите на нејзините ученици.
Ги доведе нејзините инуитски ученици и колеги на Филмскиот фестивал во Торонто, за да го покаже документарниот филм Salluit Run Club и да дискутираат за него. Филмот е посветен на атлетичарскиот клуб кој таа го формирала за да изгради издржливост кај нејзините ученици и локалната заедница.
„Младите луѓе кои ги донесов отворија секакви теми на разговор кои родителите треба да ги имаат со своите деца, за проблемите на домородната заедница во Канада. Беше прекрасно“, вели таа.
Двајца од нејзините ученици биле и во Обединетите нации во Њујорк, на разговор со поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон.
На посета на Чиле, двајца ученици го запознале претседателот Мишел Башелет, а биле и гости на домородното племе Мапуче.
Претседателот јавно им побара прошка на Мапучите и другите домородни племиња за прошка, за историските неправди кои им биле нанесени.
„Тоа беше прекрасен момент за инутиската младина со која работа, да посведочат и да бидат дел од тоа“, вели таа.
Минатата недела, благодарение на парите од наградата, таа повела четири млади Инуити во нејзиниот дом во Нова Скотија, за да бидат дел од нова иницијатива – кајакарски клуб.
Тоа е еднонеделен курс кој треба да ги научи на основите на кајакарството, за да им создаде доверба да се движат во вода.
Кајакот е моќен инуитски симбол. Некогаш уживал поголема почит, пред да започнат притисоците како задолжителните и присилни училишта во резервати, кога младите Инуити биле одвоени од традиционалните културолошки и економски улоги кои ги има нивниот народ.
Тоа било емотивно патување. Нејзината сестра Клер, која е социјален работник, посвоила две инуитски деца кога била во Салуит (пред Меги), а нивната мајка исто така била во селото пред нив.
Делото и наградата на Меги помогнале да се потенцираат страдањата на канадските домородци.
Канада ја прослави својата 150-та годишнина, а како дел од оваа прослава премиерот Џастин Трудо ги спомна и „жртвите на опресијата“.
„Како општество, мора да ги признаеме старите грешки“, вели Трудо, за потребата да им се извинат на домородните народи и да понудат начин за искупување.
Регионот Нунавик, составен од 14 села меѓу кои е и Салуит, пати од хроничен недостаток на домување.
Меѓу другите проблеми се и зависност од алкохол и дрога, како и висока стапка на заболени од туберкулоза.
МакДонал работи и против климатските промени.
Работела и во Танзанија, а сака да ги однесе нејзините ученици да се искачат на Килиманџаро со локална младина, за „да привлече повеќе внимание на африканскиот симбол на климатските промени, бидејќи глечерите на Килиманџаро се топат“.
Нејзината заедница е веќе свесна за влијанието на глобалното затоплување. Нејзините ученици објавиле фотографија на која голема кафеава мечка шета во град.
„Тоа е смешно. Како да видиш жирафа како шета низ Лондон“. Мечките обично можат да се најдат многу подалеку, на југ.
„Треба да соработуваме на глобално ниво. Има можности заедно да ги покориме глобалните проблеми, особено за домородните луѓе, климатските промени, социјалната правда и еднаквост меѓу родовите“.
Амбициите може ѝ се протегаат интернационално, но нејзината работа останува со нејзината заедница.
За 150-тата годишнина на Канада, вели: „Мислам дека образованието нуди можности за искупување. Мислам дека ако Канада ја прифати оваа можност и да стане глобален лидер и пример за зацелување на врските меѓу нашите домородни и недомородни луѓе, еден ден ќе бидеме вистински развиена држава“.