Најдлабоката железница за брзи возови ќе се гради под Кинескиот ѕид

Во Кина ќе се гради најдлабоката и најголемата железничка станица во светот за возови со голема брзина, во популарен дел од Големиот ѕид, како дел од подготовките за Зимските олимписки игри во 2022 година, јавуваат државните медиуми.

Станицата ќе биде во Бадалинг, најпосетуваниот дел од Големиот ѕид, кој се наоѓа на околу 80 километри северозападно од Пекинг. Местото го посетуваат 30 000 туристи дневно во текот на кинеската прослава за Нова Година, според Националната администрација за туризам на Кина.

„Станицата Бадалинг ќе се наоѓа 102 метри под површината, со подземна површина од 36 000 квадратни метри, еднаква на пет стандардни фудбалски игралишта, што ја прави најдлабоката и најголемата железничка станица за возови со голема брзина“, изјави Чен Бин, директор задолжен за изградба на станицата.

Покрај ова, ќе има и железничка мрежа која ќе ги поврзува Пекинг со Џанџјиакоу, градот домаќин на Зимските олимписки игри.