Најчитани дела од македонски автори за 2019 година

Збирки раскази, поезија, романи, стрипови, книги за деца и експериментални изданија се наоѓаат на листите за најчитани дела од македонски автори за 2019. Помеѓу авторите се сретнуваат имиња на веќе афирмирани македонски писатели, но и на автори кои минатата година дебитирале на нашата книжевна сцена. Радио МОФ ги консултираше македонските издавачки куќи „Бегемот“, „Темплум“, „Или – или“ и „Антолог“ за тоа кои се најчитаните дела од македонските автори во нивното издаваштво за 2019 година.

БЕГЕМОТ

Сања Михајловски Костадиновска – „(Бес)конечни модели на расказот

(Бес)конечни модели на расказот содржи 80-ина куси раскази поделени во неколку циклуси и тоа: почетнички раскази, иритирачки, деликатесни, ситни, патувачки, вселенски, функционални, опасни, раскази за засолнување, среќни, несреќни, раскази со среќен почеток, а тажен крај и минијатурни раскази за пополнување страници. Веќе самите наслови укажуваат на креативноста и инвентивноста, оригиналноста и игривоста на нивната авторка. Ефектни, енергични и динамични, минијатурите на Михајловиќ-Костадиновска се одликуваат со една згусната форма, нагласена сликовитост и висок степен на култура на изразот. Авторката вешто си поигрува со поривот за раскажување/нарација на еден мошне инвентивен и оригинален начин.
(Лидија Капушевска-Дракулевска)

Владимир Мартиновски – „Зоостории“

Поетичкиот свет на Мартиновски е лиричен, нежен, сочувствен, филантропски и филозофски. Неговиот дискурс е разнороден: во него се мешаат хаикуа и хаибуни среде или како поенти во неговиот прозен дискурс. Еднаш е раскажувачки, прозаистички екстензивен, другпат анегдотичен, третпат афористичен, често склон на стихување (римување) во проза, онака како што го влече чувството.
(Томислав Османли)

Ѓоко Здравески – „Отсечки стварност“

Отсечките стварност“ обично се случуваат среде секојдневието, кое на прв поглед се чини банално. Но, Здравески успева да ни ги укаже пукнатините во реалноста, кои претставуваат влез во непредвидливи, можеби и опасни лавиринти. Користејќи го хуморот, понекогаш на граница на црниот хумор, бизарноста, апсурдот, очудувањето преку врската со детството и детскиот поглед на светот, авторот создава текстови што се исто така епифанични, само што овој пат до епифанијата се доаѓа по сосема друг пат и на друг начин.
(Иван Шопов)

Ѓорѓи Крстевски – „Другата страна“

Другата страна“ е збирка кратки прозни форми од авторот Ѓорѓи Крстевски, создавани во текот на повеќе години. Тие се со различна големина и форма, при што секој од расказите е индивидуално дело, расказ кој гради еден свој специфичен свет што може да опстои и да егзистира самостојно. Централната точка, ѕвездата околу која гравитираат сите овие мали светови и векторот на нивното поврзување е светогледот на Ѓорѓи Крстевски. Во богатиот спектар на раскази може да препознаеме хармсовски бурлескни сцени и ликови, борхесовски сложени лавиринтни пејзажи, одеци од најмрачните шуми од бајките на браќата Грим, како и грст ликови изгубени во кафкијански свет на метаморфози, бирократски шалтери и бесчувствителен свет.
(Бегемот)

Жил Менар (псевдоним) – 50 раскази (избор од 10 збирки раскази)

Книгата „50 раскази (избор од 10 збирки раскази“ од Жил Менар опфаќа неколку „недовршени“ циклуси кратка прозна фикција, од кои сите, според своите стилски обележја, припаѓаат на различни жанровски парадигми (кус расказ, бајка, хаибуни итн.) и се изградени во согласност со нивните конвенции.
(Бегемот)

ТЕМПЛУМ

Николина Андова Шопова – „Некој бил тука“ 

„Некој бил тука“  е роман на годината за 2018 година.  Романот е психолошки убедлив и вознемирувачки длабок: го лови моментот кога болката станува лудило и смрт. Приказна што веднаш вовлекува. Изнијансирани и вешто монтирани слики, едновремено импресивни и медитативни. Прецизно оцртани мистериозни и непредвидливи ликови. Реалистичен но вознемирувачки амбиент. Внимателно избрани екстериери и ентериери – туѓиот стан, на пример, како своевиден „недвижен лик“, во кој главниот лик скришно влегува како во лулка и гробница, која мами на радикални одлуки.
(Темплум)

Тања Аждаја и Џо Брадестиот – „Сеир и ништо“
„Сеир и ништо“ е илустрирана игранка со зборови која на посебен начин ги обединува стрипот и реченицата како жанр. Прва е од ваков вид на овие простори и има за цел на забавен и поттикнувачки начин да ги обликува визуелните кадри во главата на читателот кои се производ од прочитаните зборови, реченици и сите нивни смисли. Подеднакво е забавна за гледање за најмладите, како и за ментално вежбање за повозрасните; сосема веродостојна метафора за овој тип на книга е – „книжевна Лего-коцка”.  „Сеир и ништо”, серија илустрирани игри на зборови чии концепти се создаваат на Facebook, Google Docs, Messenger и Viber од страна на Dzo Bradestiot (цртеж) и Tanja Azhdaja (текст).
(okno.mk)

Ѓорѓе Јовановиќ – „Хашиш“ (стрип)

Графичката новела “Хашиш” од Ѓорѓе Јовановиќ која е илустрирана по текст на Анри Мишо е седма книга од стрип – едицијата “Лифт” на издавачката куќа Темплум. Светот во ‘Хашиш” изобилува со ситуации кои претставуваат огромен предизивк да бидат преточени во слика или пак графичка новела. Исто така и фактот дека текстот нема класична наративна линија туку претставува збир на фрагменти- записи или пак дневник што тој го водел додека експериментирал со хашишот. Таквата фрагментирана структура ми даде огромен простор за “ маневрирање“.
(Ѓорѓе Јовановиќ)

„Десетте најдобри раскази на светот“ – Едиција „Магма“
Идејата е едноставна: десет писател(к)и го избираат својот омилен расказ. Нивните десет избрани раскази ја формираат книгава: „Десетте најдобри раскази на светот“. Од изборот на десетте писател(к)и во значајна мера зависи дали барем малку ќе успееме да го покриеме тоа непрегледно поле кое опфаќа векови исполнети со стотици писател(к)и, илјадници раскази и многу различни јазици. И самите избирачи овде имаа исклучително тешка задача; според кои критериуми да издвојат само еден единствен расказ.
(okno.mk)

 „12 македонски фотограф(к)и“
Главната намера на книгава е комплексноста на фото медиумот да ја претстави преку погледот врз еден дел на современата македонска фотографска сцена. Богатството не медиумот сакаме да го доловиме претставувајќи ја таа сцена што покомплексно и поразлично ‒ во стилска, поетичка, идејна, техничка, родова, генерациска… смисла. Ако сакаме да бидеме претенциозни, книгава може да биде и придонес за воспоставување, за артикулирање на овдешната фотографска сцена. Таа сцена веројатно постои на некои можеби мистични начини, дисперзирана во илјада правци, но ѝ требаат фокус, репери, критика, артикулација…
(okno.mk)

Странски изданија и книги за деца 

„Маус“ (стрип) После неколкуте поглавја објавени пред 25 години во списанието Маргина, славниот стрип Маус конечно и интегрално е достапен на македонски, во сјајно издание во едицијата Лифт. Извонредно дело и по својата замисла и по својата изведба… истовремено и роман и документарец и мемоари и стрип. Брилијантно, едноставно брилијантно. (okno.mk)

Душко Радовиќ – „Синиот зајак’ (илустрации Александар Иванов)
Душан „Душко“ Радовиќ (29 ноември 1922, Ниш – 16 август 1984, Белград) бил поет, писател, новинар, афористичар и ТВ уредник. Бил главен уредник на „Пионерски весник“, уредник на Програмата за деца на Радио Белград, уредник на Програмата за деца на Телевизија Белград, уредник на весникот „Полетарац“, новинар на „Борба“ и од 1975 година уредник на Студио Б. На најшироката публика ѝ е познат по своите афоризми со кои ги будел граѓаните на Белград на брановите на радиото Студио Б, кои подоцна се објавени во три книги под насловот „Добро утро Белград“, како и по извонредните книги со поезија и проза за деца.
(okno.mk)

ИЛИ – ИЛИ

Румена Бужаровска – „Не одам никаде“

„Не одам никаде“ од Румена Бужаровска е своевидно продолжување и надоградување на веќе препознатливиот содржински и стилски раскажувачки манир на оваа современа македонска писателка. Оваа книга, составена од седум раскази, на извноредно прецизен и прониклив начин претставува остар и реалистичен, но истовремено суптилен и често трогателен приказ на современата македонска реалност. Имено, преку мајсторското прикажување на многу комплексни меѓучовечки односи – семејни, пријателски и професионални – авторката гради слика на македонското совремие, истовремено прикажувајќи како општеството со своите наметнати патријархални, но и политички и социо-економски матрици, се отсликува во најинтимните јадра на човековите релации.
(Или – или)

Оливера Ќорвезироска – „А’бт“

Аб’т е роман и за Куманово и за сеќавањата и за имагинацијата, каде биографските елементи се мешаат со измислените, поетизираните, настани и ликови. Но тој е и роман за зборовите, за дипето, за амаркордот, за гаменот, за алината, а секако и за реслото – остаток без кој романот Аб’т би можел да постои, но и дополнителна светлина без која тој не би бил ист. Романот Аб’т опфаќа три раскажувачки низи, три длабоки копања низ психологијата на ликовите, кои се поврзуваат во една цврста градба во која авторката, како и ликот на таткото, создала нешто за себе, место во кое ќе може да биде своја. Но тој книжевен свет меѓу кориците на книгата се отвора и се поврзува и со реалноста надвор од него.
Своето детство во Куманово Оливера Ќорвезироска го преобразила во магичен и реалистичен свет: доволно реалистичен и препознатлив за да ги исцрта јасно цртите на Куманово, меѓу кои се внимателно и прецизно опишаната болницата и болничка ограда; доволно магичен за да вклучи подземен живот во бунарот, водното патување со кауч низ времето или создавањето на човек од крв и месо со помош на молив.
(Калина Малеска)

Снежана Младеновска Анѓелков – „Молчи со отворена уста“

По осумгодишна пауза од дебитантската книга „Единаесет жени“, која се закити со наградата „Роман на годината“ на Утрински весник, авторката ни подарува нов текст во кој уште подлабоко навлегува во својата интима, раскажувајќи приказна која се протега од средината на минатиот век па се’ до денешен ден, семејна приказна чиј заплет и (можен) расплет е нераскинлив дел од историскиот контекст во кој се случува. Младеновска Анѓелков храбро се соочува со вистината гледајќи и’ директно в очи, и создава роман кој опседнува, освојува, здоболува, во рамките на вистинската традиција на документаристичката проза на врвните мајстори.
(Или – или)

Лидија Димковска – „Кога заминав од Карл Либкнехт“

Збирката „Кога заминав од „Карл Либкнехт“ е смислена како 27 исповеди на луѓе од различни страни на светот чиј живот на некој начин бил поврзан со името на Карл Либкнехт, поточно за адресата врзана со неговото име. Секој од расказите е мини-новела, роман, па и материјал за филм со сите нишани. Секоја приказна е микросвет сам за себе, а сепак сите заедно се една поголема, компакнта целина. На макро план јасна и ангажирана вивисекција на актуелните случувања во Европа и светот. Миграциски и идентитетски кризи, азилантски приказни, преселби, напуштања, бегања. Поимот дом, (не)вдоменост, дводомност и/или повеќедомност, припаѓање на една и повеќе култури, јазици и преминувањето на многу, многу граници.
(Или – или)

Румена Бужаровска – „Мојот маж“

Стравот и лагата (илузијата/заслепеноста), која нужно доаѓа во пакет со стравот, се јадрото околу кое се градени повеќето раскази. Ликовите некогаш подлажуваат, несвесни за она што доаѓа како последица на тие навидум безначајни лаги (ќути, да не разбере маж ми; ќути, да не разберат комшиите), а некогаш, богами, лажат на големо, изневеруваат, ги исмеваат зад грб своите најблиски, лицемерат. Покрај овие проблеми, се отвораат и крупни општествени проблеми, па така, се проблематизира семејното насилство, национализмот, кичот и невкусот во уметноста. Очигледно е дека критиката се однесува пред сѐ на нашето општество, затоа што во расказите има јасни маркери за простор.
(Ѓоко Здравески)

Давор Стојановски- „Утеха за голите“

Дали постојат конечни одговори? Дали е можно помирување на оној свет ако тоа не сме го сториле на овој? Дали може да се обвини некој за објектот на неговата страст? Тоа се само дел прашањата, кои Стојановски ги отвора и ги разгледува во своето ново дело. Романот „Утеха за голите“ ги допира и темите на вечноста и бесмртноста, допира неколку горливи етички прашања, ја допира и темата на среќата и радоста во новиот век, се впушта во потрага по утехата во најмрачните периоди на живеењето.
(Душко Крстевски)

Петар Андоновски – „Страв од варвари“

Неколку дена по падот на Берлинскиот ѕид, додека цела Европа е во исчекување што е следно, на најјужната точка на Европа постои еден остров каде малкуте луѓе кои останале таму, живеат заборавени од сите. Нив историјата постојано ги одминува, ги одминале и лепрата и гладот, и таман кога ќе помислат дека и овој пат ќе ги одмине историјата, на островот пристигаат тројца странци. Двајца мажи и една жена. И ништо повеќе не е исто.
(Или – или)

Димитар Димоски – „Неми филмови“

„Неми филмови“ е збирка од дванаесет подолги и пократки раскази кои заокружуваат една концептуална целина. Неслучајно, драматургијата на редоследот со кој се подредени овие раскази е силно поткрепена од стилот, тонот, атмосферата на самата наративност и нивната промена на крај. Филмската уметност е еден од заедничките именители на ова дело: филмот како метафора или како концепт за време. Неретко, приказните го истражуваат односот помеѓу филмското и реалното време, така што, многупати ликовите се впуштаат во некоја интимна, метафизичка борба во која не можат да си го најдат ниту времето, ниту местото.Ликовите од расказите мечтаат со скромна невиност својствена на оние кои не интелектуализираат. Во потрага по својата осаменост којашто напати е невозможна во малите заедници, ликовите бесцелно се впуштаат во дискусии за филмовите, музиката, фудбалот, па дури и езотеричноста на самиот живот.
(Или – или)

 Кица Колбе – „Земја на бегалци“

Тогаш сфати Фросе, некогашното дете на егејски бегалци, дека таа навистина е дел од нешто многу постаро. И многу поголемо. Постаро и поголемо од сите домови, од сите полиња и ниви. Од сета земја што ја изгубија нејзините роднини во својата татковина. Грција. Егејска Македонија. Тоа, на што таа припаѓа, е поголемо и од сите татковини. Постаро е тоа од сите напишани истории. На таа невидлива за светот земја на бегалците ѝ припаѓа Фросе Аврамова. На таа најстара земја на прогонот и бегството. Само на таа земја Фросе ѝ припаѓа вистински. Таа е вечниот засолн на прогонетите, отфрлените, пребегенаите. Вечната земја на бегалците. Таа постои над сите граници, над сите нации, над сите народи. Само таа е нејзината татковина.
(Или – или)

АНТОЛОГ

Игор Станојоски – „Дисомнии“ 

Дисомнии е сижејно комплексен роман со исклучително непредвидлив тек на раскажаните настани. Дејството е со многу пресврти и содржи елементи на трилер, хорор и психолошки роман. Читателот од самиот почеток ужива во сите раскажувачки нишки, но е оставен до предсамиот крај да се прашува каде води сето тоа и со што ќе резултираат сите елементи на лична и семејната драма на раскажувачот, изненадувачки испреплетени со колективната драма предизвикана од општествените немири.
(Антолог)

Валентина Бактијаревиќ  – „Помеѓу“

„Помеѓу“ е двојазично издание на поезијата од нашата (српско-македонско/македонско-српско) поетеса.
Песните од поетската книга „Између“/„Помеѓу“ од Валентина Бактијаревиќ, всушност, се впишуваат во една силна и смела поетска линија, соочувајќи нè со најголемата моќ на љубовта – да ги трансцендира границите помеѓу смртта и животот. Книгата е сочинета од љубовни песни, во најубавата и најчистата смисла на зборот.“
(Владимир Мартиновски)

Митко Гогов – „Скриено писмо“

Тоа (концептуално) начело е надополнето со визуелното, што создава еден поетски простор-време сценски или сценографски режиран и филмски монтиран. Тоа е особен белег на оваа поетска книга и со тоа се одликува, во овој миг, авторскиот профил на Митко Гогов, како претставник на една млада генерација полна амбиции, но не секогаш и со препознатлив и оригинален пристап. Митко Гогов покажува доблест да се впушта во иновации, и да го истражува поетскиот израз.
(акад. Катица Ќулавкова)

Антонио Карабелов – „Тие мили мали слатки дечиња“ 

Романот е посветен на тринаесетмина историски личности, односно светски познати диктатори меѓу кои Хитлер, Пиноче, Мусолини, Тито, Сталин, Мао Це Тунг, Чаушеску и Гадафи. Сите тие, седнати на клупата на Судот на светската историја – се прогласени за диктатори. Секој знае, слушнал и прочитал поединости за нивните злодела, сторени врз сопствениот народ, а воедно и врз целото човештво, злодела сторени во „возрасни“ години. Но дали некогаш сте се запрашале какви биле тие во своето детство? Какви биле кога биле мили, мали, слатки дечиња?
(Антолог)

Живко Гроздановски – „Последното име на иднината“

Едно дете го придружува дедо си до блискиот рид над градот, каде што пуштаат балони со хелиум кон небото. Во еден миг балонот исчезнува, а на негово место се појавува мала бела птица. Таквите денови стануваат убави сеќавања, но детето израснува во човек со мал невидлив дефект под градната коска – телото често му го разјадува празнина и тој станува опседнат со стареењето на луѓето. „Враќање дома“ треба да биде единственото друго име на староста. „Тишина“ е второто име на Зале, реката отаде прозорецот. Иднината има илјада имиња, но кое е последното?
(Антолог)

Книжевност за деца

Зане Зусте – „Уципуци си го бара домот“
Оваа книга ја раскажува возбудливата и по малку опасна авантура на Уципуци, бувчето играчка што Крис го заборава на одморот во Италија. За да се врати кај својот мал сопственик, бувчето мора да помине долга и опасна патека низ целата куќа за да дојде до терасата и да се сретне со Големиот Комарец, единствениот што знае каде е Крис. На Уципуци ѝ помагаат пајакот и штурецот и двајцата стануваат нејзини незаменливи помошници и добри пријатели.
(Антолог)

Гунар Хелгасон – „Мојата откачена мамичка“
Авторот со неверојатна умешност се става себеси во кожата на тинејџер, со таква искреност што ќе им се допадне и на децата и на возрасните. Движејќи се низ приказната, постепено, откриваме дека главниот лик, дванаесетгодишната Стела, е врзана за инвалидска количка.  Идеите на Стела за тоа што значи да се биде нормален ќе бидат испревртени и таа и читателот ќе сфатат дека самите одлучуваме за тоа какви нешта ќе дозволиме да нè ограничат, но и колку е важно да се биде малку „луд“ одвреме-навреме.
(Антолог)

Ивана Смилевска