Најбрзиот воз во светот ќе започне да вози од Пекинг до Шангај до крајот на септември.
Рутата, отворена во 2011 година е една од најфреквентните линии, со милиони патници годишно кои ја користат оваа услуга.
По неколкуте успешни тестирања, компанијата ќе пушти во употреба седум експресни возови именувани како „Фуксинг“ – подмладување – слоган промовиран од кинескиот претседател Кси Џинпинг.
Овие возови најверојатно ќе имаат 14 повратни патувања во ден, со просечна брзина од 350 километри на час и максимална брзина од 400 километри на час, или 50 повеќе од претходните верзии.
Новиот модел е опремен со мониторинг систем способен автоматски да го забави возот во случај на итни случаи.
Кинеските власти и претходно се обидувале да ја постигнат брзината од 350 километри на час. Во 2011 година, поради грешка во системот за сигнализација настана смртоносна несреќа во Венжоу, во провинцијата Жеџијанг. По несреќата, при која починаа 43 луѓе, Кина ја намали брзината на возовите.
Сепак, за да ја зајакне домашната и интернационалната трговија, Пекинг ги надгради железничките пруги. Кина ја има најдолгата железничка мрежа, или речиси 60 отсто од вкупната мрежа во светот.
Минатата година, државата имала 22 000 километри експресни железнички линии и Пекинг има намера да ги зголеми на 30 000 километри до 2020 година.