Најбогатите 300 луѓе во светот лани заработиле 524 милијарди долари

Севкупното богатство на 300-те најбогати луѓе на Планетата во текот на минатата година се зголемило за 524 милијарди долари на 3,7 билиони долари, објави агенцијата Блумберг.

Најбогатите 300 луѓе во светот лани заработиле 524 милијарди долари

Според оценка на експертите на агенцијата, најдоходовна гранка минатата година бил секторот поврзан со високите технологии.

Од 300-те најбогати лица вклучени во рејтинг листата, лани само 70 имале финансиски загуби.

Најбогат човек во светот повторно е претседателот на Одборот на директори на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, кој својот капитал го зголемил за 15,8 милијарди долари на 78,5 милијарди долари.

На второ место е мексиканскиот телекомуникациски магнат Карлос Слим, кој поседува над 73 милијарди долари. За него изминатата година не била особено успешна бидејќи претрпел загуби од 1,4 милијарда долари.

Третото место на листата е за најбогатиот човек во Шпанија, основачот на трговската империја „Индитекс“ Амансио Ортега, чиј имот се проценува на 66,4 милијарди долари.

Ортега лани успеал да заработи речиси девет милијарди долари. Како што јави ИТАР-ТАСС, од руските милијардери минатата година била најуспешна за косопственикот на трговскиот ланец „Магнит“, Сергеј Галицки.

Тој станал побогат за 5,3 милијарди долари, а неговото вкупно богатство е проценето на 13,8 милијарди долари.

Најбогат Русин и натаму останува бизнисменот Алишер Усманов, чиј капитал за една година се зголемил за 1,3 милијарда долари и изнесува речиси 20 милијарди долари.