Најави за продолжување на учебната година поради средношколскиот бојкот

Директорите на скопските средни училишта во кои учениците изминатиов период ја бојкотираа наставата, писмено побарале од градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, да се продолжи наставната година поради изгубените часови за време на бојкотот на наставата од страна на средношколците, објави Фактор. Градоначалникот на Град Скопје барањето го проследил до министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми.

„Во изминатите две недели во дел од средните училишта на Град Скопје, учениците ја бојкотираа наставата. На тој начин беа изгубени многу наставни часови. За првите три дена од бојкотот, според решенијата кои ги добивме од ДПИ изготвивме планови за надоместувања на тие денови. Но, бидејќи бојкотот продолжи и во наредните денови, започнувајќи од 9-ти април 2015 година,немаме подготвено планови, а со оглед на постоечките работни денови до крајот на наставната година, нема ни доволно време за планирање на нивно одработување. Затоа како надлежен за средните училишта на Град Скопје, ви се обраќаме со барање да ни помогнете наставната година да се продолжи и сите изгубени денови на овој начин да се одработат. Исто така во името на активот на директори на средните училишта на Град Скопје , бараме да бидеме вклучени во работни групи за изготвување и донесување на измени на Законот за средно образование“, се цели во писмото на директорите од средните училишта „Здравко Цветковски”, „Никола Карев”, „Георги Димитров”, “Орце Николов”, “Јосип Броз Тито” и “Раде Јовчевски Корчагин”.