Најавен протест во Косово за стопирање на насилството врз жените

Под мотото „Стоп за убивањето на жените и девојчињата“, активисти за човекови права, организирани од Мрежата на жени на Косово, во понеделник ќе организираат протест во Ѓаковица поради убиството на жена и нејзината 9-годишна ќерка што се случило на 6-ти август, пренесува МИА.

Организаторите на протестот повикуваат на марш на пладне од полициската станица до судот во Ѓаковица, на кој ќе се побара одговорност од надлежните за спречување на насилството и убивањето на жените и девојчињата.

„Бараме да се стави крај на насилството и да им го пренесеме нашето противење на сите институции во Косово со само една реченица: Доста веќе со правдање!“, стои во повикот на граѓанските организации.

Јавноста во Косово бара одговорност од институциите кои не ги штитат жените и покрај тоа што пријавуваат семејно насилство во полиција. Во последниот случај во Ѓаковица, каде мажот ја убил својата жена и ќерка, починатата пријавила во полиција закани преку СМС порака. Полицијата информирала дека по пријавата го побарала мажот, но не успеала да го контактира.