Најавен 20. „Астерфест“ во Струмица: Награда „Астер“ за Милчо Манчевски, почесно признание за продуцентката Ребека О’Брајан

Јубилејното 20. издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ ќе се одржи во Струмица, од 4 до 8 август, под мотото „Филмски крстопати“, со разновидна програмска селекција. Оваа година лауреат на престижната награда „Астер“ за највисоки достигнувања во светскиот и македонскиот филм е режисерот и сценарист Милчо Манчевски.

Добитник на почесното признание на „Астерфест“ за особени достигнувања на полето на филмската и ТВ-продукцијата, пак, годинава е реномираната британска продуцентка Ребека О’Брајан, попозната како продуцентката на Кен Лоуч. По тој повод, информираат од фестивалот, минатиот петок, во „Сине-реал“ во Лондон, еден од ретките кинотечни клубови, се одржа мала церемонија во присуство на филмски автори, академици и официјални претставници на Филмскиот совет на „Астерфест“, при што на О’Брајан ѝ беше доделена почесната плакета од „Астерфест“.

„Таа ја прими наградата со голема возбуда од основачот и директор на ‘Астерфест’ Горан Тренчовски, истакнувајќи дека е длабоко почестена што ‘Астерфест’, Струмица и Македонија го ценат нејзиниот придонес како филмска продуцентка“, истакнуваат од фестивалот.

Како што информираат оттаму, добитник на специјалната награда, плакета за долгогодишни врвни актерски остварувања во македонскиот и балканскиот филм, е еден од најмаркантните наши актери, Емил Рубен.

Во овогодишната официјална натпреварувачка селекција на „Астерфест“ ќе се прикажат: американските „Не стравувај од самиот страв“ на Даун Вестлејк и „Браќа по застава“ на Пеп Стојановиќ, францускиот „Еј, Ханун“ на Лина Тадуни и Софијан Шуеб, холандско-белгискиот оскаровец „Јас не сум робот“ на Викторија Вармердам чијшто копродуцент е трикратниот оскаровец Ким Магнусон, кој лани беше во Струмица, црногорскиот „Лаеж“ на Бранислав Милатовиќ, британскиот „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска, кинескиот „Меуресто сеќавање“ на Мингвеј Ма и Џјиаји Кристина Фу, шкотско-полскиот добитник на БАФТА „Мечокот по име Војтек“ на Ијан Гарднер, белгискиот „Петок, 1 јули“ на Сара Ледерман, хрватскиот „Самотија“ на Боби Грубиќ по сценарио на Миро Гавран, полскиот „Секој има убиено некого“ на Ангелика Цигал, француско-полскиот „Сок од портокал“ на Александар Атане, рускиот „Темната шума“ на Татјана Петрова, швајцарско-македонскиот „Турбо-нет“ на Надежда Панов, холандскиот „Ќелиски другари“ на Меле Виндиг и група коавтори, шпанскиот „Умирање“ на Хесус Мартинес „Нота“, како и македонските „Амра“ на Васил Христов, „Состојба на умот“ на Александра Кардалевска и „Избор“ на Марко Црногорски.

„Физиономијата на ‘Астерфест’ останува посветена на авторскиот филм, со прикажување врвни и квалитетни филмови од различни жанрови и должини“, велат организаторите.

Поголемиот број селектирани странски филмови се прикажуваат премиерно во Македонија, некои се светски, интернационални или балкански премиери, а некои филмови ги потпишуваат режисерски имиња кои веќе се претставиле на „Астерфест“ и кои тукашната публика ги препознава како референтни автори.

Специјална проекција, во чест на Емил Рубен и одбележување 25 години од снимањето, ќе биде дигитализираната копија од Кинотеката на Македонија на среднометражниот филм „Писмо“ на Васил Христов, во копродукција на „Дигит Проп“ и „De Productie“ од Белгија.

Како фестивал посветен на авторите, на „Астерфест“ во чест на наградените ќе се прикаже и актуелниот долгометражен игран филм „Лена и Владимир“ на режисерот Игор Алексов и на „Мајнд продукција“.

Вечерните проекции ќе се одвиваат во Амфитеатарот во Градскиот парк во Струмица, а доколку заврне, алтернативен простор е НУЦК „Антон Панов“.

„Како и на претходното издание, и овојпат се очекуваат значителен број домашни и странски автори кои ќе ги претстават своите филмови и ќе уживаат во струмичкото поднебје со културно-туристички знаменитости“, најавуваат од „Астерфест“.

За Гран прито, за Златната, Сребрената и Бронзената потковица, како и за наградите за најдобар режисер „Ацо Алексов“ и најдобро сценарио „Ѓорги Абаџиев“, ќе одлучува жирито во состав на филмските автори: Клара Дошлов, Сезер Салихи и Ице Виранов.

Исто така, во „Јуроп хаус“ ќе се одржи и промоција на новото коло од едицијата филмолошка и уметничка литература („Ефектот на пеперутката“, „Малиот Ејолф“, „Насловите како хиероглифски записи“), а ќе се случи и традиционалната филмска посета на Манастирот Воведение на Пресвета Богородица Елеуса во Велјуса.

„Астерфест“ преку Тивериополските филмски настани беше интензиво присутен во текот на изминатата сезона со проекции, авторски вечери, работилници, промоции и чествувања во Струмица, но и во Белград, каде што неодамна се одржа панел-дискусија за значењето на „Астерфест“ во регионот. Тој период „Астерфест“ ги продлабочи соработката и размената на искуства со повеќе филмски и универзитетски центри, како оние во Сорбона – Париз, Нови Сад и Прага.

Уникатните статуетки и традиционални награди за „Астерфест“ ги изработи ликовниот уметник Никола Пијанманов.

„Астерфест“ е поддржан од Општина Струмица.