Со збровите „Културолошки геноцид“, режисерот Владимир Милчин ја толкува одлуката на новиот директор на Театарот за деца и младинци, Братислав Димитров во престојната сезона да ја укине младинската сцена на која се играат неговите претстави „ Заспаниот разум раѓа чудовишта“ и двојно наградената на минатогодишниот Јоаким Интерфест „ Нашиот клас“. Милчин смета дека се работи за политички реваншизам, објави Телма.
Димитров во одговор за телевизијата вели дека дека нема да одржува на репертоарот претстави кои продаваат дваесетина билети. Тој вели дека принципиелно ќе ја одржи младинската сцена, но не со претстави кои промовираат темна естетика, и не се соодветни за таа возраст.
Meѓу режисерите чии предлог текстови до Министерството ги стопирал Димитров се Лука Кортина и Срѓан Јаниќиевиќ . Тие своите реакции ги објавија и на Фејсбук.
„Еден од најбитните театри кај нас, судејќи според бројот на интернационални награди и гостувања “Театарот за деца и младинци” после долг период успеа целосно да си го “оправда” името со воведување на младинската сцена. Сега некој сака да ја укине. Тој театар грижливо создаваше нова театарска публика до 10-11 годишна возраст. И потоа на репертоарот на нашите театри следуваше дупка со претстави за младинци кој овој театар според својот квалитет, искуството и конечно според називот требаше да ја пополни. Со години се чудевме зошто е намалена публиката во театарот, без никој да се сети дека љубовта кон театарот треба да се негува во целиот период од развојот на младиот човек, а не САМО кон најмладите. “Театарот за деца и младинци” храбро го направи овој исчекор со најдобриот спој -искуството на повозрасните актери и новата енергија на помладите актери. Сега тоа, новиот директор на овој театар, наместо да го надогради (според логика на нештата) тој напротив, сака да го осакати. Не треба да си премногу паметен за да увидиш дека нова публика тој театар секогаш ќе има. Мојата “Зрното грашок и принцеза” на пример, е над 20 години на репертоар, а има уште многу квалитетни претстави кој се долго, а сигурно уште подолго ќе останат на репертоар. Новата публика по природа на работите во тој театар ќе продолжи да доаѓа. Поентата е како да се задржи, воспита и образува онаа публика за која Црвенкапа е надрасната приказна; Да се создаде публика која ќе го сака вистинскиот жив театар кој како уметност е можеби најдиректно врзан со животот и проблемите на современието“, пиишува режисерот Срѓан Јанаќиевиќ.
Италијанскиот режисер Лука Кортина се согласува со својот колега.
„Веста за одлуката да ѝ се застане на пат на младинската сцена во Театарот за деца и млади, од страна на новиот директор Братислав Димитров, ја примив со неверување. Да имате идеја да уништите квалитетна сцена, со квалитетни претстави, да посакате да го уништитите бројот на публиката во театарот, е несовесно од неколку причини. Прво се осиромашува македонската театарска сцена во квалитет, свесно им се одзема правото на актерите и останатите креативни кадри во театарот да го развиваат сопствениот креативниот потенцијал преку актерски изведби низ различни естетски и жанровски параметри, им се одзема можноста преку различната лепеза на естетики и нови автори да ја одржуваат свежа и во полна сила актерската кондиција и свежина, и на крај се уништува природната поставена линија на посета и наобразба на младата публика, преку детската сцена да преминат на сцената која го негува младинскиот репертоар.
Постапката укажува на деструкција, наспроти конструктивен и квалитетен пристап, како раководно лице на институцијата ТДМ. Мојата врска со ТДМ започнува уште пред студентските денови. Режисерот Паоло Маџели, кој по мојата одлука за започнување на студии во Македонија ми го посочи ТДМ (кој во тоа време беше раководен од г. Чадиковски) култно театарско место во кое се негуваат новите и современи театарски концепти. Потоа врската продолжува со студентска задача од проф. Унковски за анализа на структурата на претставите од ТДМ, како дел од испитот по режија во прва година, мојата поврзаност продолжува преку соработка и пријателство со актерите од ТДМ и желбата да се соработува со тој ансамбл.
Во контекст на темава, ќе посочам дека во Сараево, каде работев претстава во Позориште младих Сарајево, постојат две сцени, Сцена за деца и Сцена за млади. На младинската сцена се работат автори кои ги поттикнуваат умовите на младите луѓе, па се работат автори како Костјенко, Кафка, Мегдона. Тоа се негуваше и на сцената на ТДМ, сè до сега. Впрочем, неумесно е да му се одземе еден дел на театарот. Доколку тоа се случи тој веројатно ќе го промени и името. И така, по не знам кој пат во Македонија, се сече континуитетот, се атакува на целовитоста на приказната на една институција, се длабат резови, кои од еден здрав организам создаваат инвалид“, објаснува Кортина.