Наградуван новинар од Дер Шпигел со години измислувал стории

Германскиот новински магазин Дер Шпигел објави дека еден од нивните најпознати новинари повеќе години пишувал лажирани стории.

Се работи за наградуваниот новинар Клас Релотиус, кој според неделникот, „измислувал стории и протагонисти“ во најмалку 14 од 60 новински стории кои се појавиле во нивните печатени или онлајн изданија, предупредувајќи дека и други медиуми може да биле опфатени со овој скандал.

33-годишниот Релотиус дал отказ откако ја признал измамата. Тој пишувал седум години за магазинот и освоил бројни награди за истражувачко новинарство, меѓу кои и наградата за Новинар на годината на Си-Ен-Ен во 2014 година.

Претходно овој месец тој ја освоил германската награда за Репортер на годината за неговата сторија за мало момче од Сирија, кое жири комисијата ја пофалила поради нејзината „поетичност и релевантност“. Дури потоа било откриено дека сите извори на информации во репортажата биле сомнителни и дека поголем дел од она што новинарот го напишал е плод на негова фантазија.

Лажирањето било откриено откако неговиот колега Хуан Морено, кои заедно работеле на сторија на границата меѓу САД и Мексико, се посомневал околу детали во приказната на Релотиус.

Морено успеал да пронајде два лика, кои биле повеќе пати цитирани во сторијата објавена во ноември. И двајцата му рекле дека никогаш не го сретнале Релотиус. Подоцнежната истрага открила и дека тој лажел кога напишал дека забележал рачно напишан знак со порака „Мексиканци стојте подалеку“.

Меѓу другите лажни стории биле и една за затвореник од Јемен во Гвантанамо, или пак за ѕвездата во американски фудбал, Колин Каперник.

Во подолг текст, магазинот Шпигел кој продава околу 725 илјади примероци месечно и има онлајн база на читатели од 6,5 милиони луѓе, соопштиле дека се шокирани од откритието и дека се извинуваат на читателите и на било кој што бил предмет на лажираните цитати, измислени лични детали или фиктивни сцени и места. Тие додале и дека формирале посебна комисија која ќе ги истражи сите новинарски дела на Релотиус за неделникот.

Магазинот е основан во 1947 година и е препознатлив по нивните квалитетни истражувачки стории.