Наградите Оскар одложени за два месеци поради коронавирусот

Доделувањето на Оскарите, кои редовно се одржуваат во февруари секоја година, ќе бидат одложени за два месеци поради пандемијата со коронавирусот.

Наместо на 28-ми февруари, церемонијата е презакажана за 25-ти април.

Организаторите истовремено се сложија да се продолжи периодот за квалификација за оваа награда од 31 декември годинава, до крајот на февруари 2021 година.

Поради пандемијата снимањата и пост продукцијата на многу филмови кои требаа да бидат прикажани до крајот на годинава се одложени на неодредено време.

Претседателот на Американската филмска академија, Дејвид Рубин, кои стојат за доделувањето на Оскарите, вели дека повеќе од еден век филмовите имаат главна улога да внесат утеха, инспирација и забава во мрачни времиња.

„Оваа година сигурно тоа е така. Се надеваме дека со продолжениот период за квалификација и одложениот датум на церемонијата успеавме на филмските уметници да им овозможиме доволно време да ги завршат и објават филмовите без притисок и казна поради нешто на што не можат да влијаат“, вели Рубин.

Академијата неодамна ги промени правилата и привремено овозможи и филмови кои се прикажуваат на стриминг платформите да можат да се натпреваруваат за Оскар. До сека правилото гласеше дека во конкуренција може да бидат само филмови кои се прикажани во кино-салите во Лос Анџелес најмалку една недела.

Но, бидејќи кината се затворени поради пандемијата, организаторите велат дека ова привремено правило е многу потребно.

Наградите на Британската академија за филмска и театарска уметност (БАФТА), пак, се одложени за 11 април.

Досега, во историјата, Оскарите се одложени само три пати – поради поплавите во Лос Анџелес во 1938 година, убиството на Мартин Лутер Кинг во 1968 година и обидот за убиство на претседателот Роналд Реган во 1981 година.