Награди за Женскиот хор при МКЦ и диригентот Сашо Татарчевски во Вроцлав

Женскиот младински хор при МКЦ, под диригентство на маестро Сашо Татарчевски, оствари извонреден резултат на шестиот меѓународен фестивал и хорски натпревар за духовна музика „Vratislavia Sacra”, во европскиот град на културата за 2016 година, Вроцлав.

Хорот се закити со први места во двете категории во кои се натпреваруваше (категорија за еднородни хорови и категорија за госпел и спиритуал), а диригентот Татарчевски доби три специјални награди за најдобар диригент од стручното жири, од жири комисијата на организацијата „Вроцлав, европски град на културата“ и од претставниците на музичката академија во Вроцлав.

На фестивалот учествуваа уште дваесетина ансамбли од Европа и САД, кои одржаа и повеќе концерти во неколку од величествените катедрали низ градот.

Женскиот младински хор при МКЦ годинава слави 44 години од постоењето и е еден од најуспешните колективи кој ја претставува Македонија на меѓународната сцена, освојувајќи голем број награди и признанија.

Маестро Сашо Татарчевски е професор на факултетот за музичка уметност во Скопје по група предмети од областа на диригирањето. Успешно настапува со разнородни инструментални и вокални ансамбли во Македонија и странство, а постојано работи и постигнува меѓународни успеси со неколку хорови како професионалниот камерен хор „Про Арс“, хорот на ФМУ Скопје „Драган Шуплевски“ и Женскиот младинско хор при МКЦ. Редовен член е во неколку жири комисии на меѓународни хорски натпревари, а од 2014 година е уметнички раководител и главен предавач на меѓународниот хорски форум во Струга.