Награди „Никола Младенов“: Ова е вистинско време за истражувачки стории

Мистериозната смрт на Коста Крпач, здравствените последици од работата на ТЕЦ Осломеј и смртта на 80 новороденчиња на Клиниката за гинекологија се најдобрите стории кои оваа година ја добија наградата за истражувачко новинарство „Никола Младенов“, на Македонскиот институт за медиуми (МИМ).

Во спојот на искусни и нови имиња кои се занимаваат со овој новинарски жанр, Миомир Серафиновиќ и Снежана Лупевска-Созен од емисијата „КОД“ на ТВ Телма ја освоија првата, Зоран Јованоски од „360 Степени“ на Алсат М втората, а Ирена Мулачка од неделникот Фокус, третата награда, во конкуренција на 39 автори кои конкурираа со вкупно 69 стории.

Серафиновиќ го радува тоа што, по големиот пад во традиционалните медиуми, истражувачкото новинарство се враќа на телевизијата.

„Се надевам дека јавноста ќе покаже интерес и ќе даде поддршка за истражувачкото новинарство. Ние и натаму имаме тешкотии – посебно последниот инцидент со колегите Тодевски и Желчевски – еден тежок физички напад, додека извршуваа работа. Од една страна се зголемуваат притисоците, физичките закани врз новинарите, но ме радува што сè повеќе и повеќе се појавуваат новинари со 5-10 годишно искуство кои доаѓаат и почнуваат да го применуваат истражувачкото новинарство“, смета Серафиновиќ

Ѕиркање под смртоносната пепел  

Зоран Јовановски е токму едно од новите имиња во истражувачкото новинарство. Неговата приказна за планините од радиоактивен пепел во околина на термоцентралата Осломеј и какви последици тоа има по здравјето на жителите во овој регион, беше препознаена од жирито како квалитетно подготвен новинарски производ, кој истакнува и предупредува на долгогодишната системска негрижа за животната средина.

„Во оваа сторија, „свиркачот“ самиот застана пред камера да зборува, што е реткост, и јас имав среќа да имам таков човек во сторијата. Треба да работиме повеќе како земја и како општество на заштита на луѓето кои сакаат да кажат дека нешто не чини и ако сакаат, тоа да биде анонимно. Наше е, потоа, да продолжиме со истражувањето кое тие ни го начнале“, објаснува Јовановски за тоа како стигнал до приказната.

Тој додава дека е многу тешко да се дојде до било каков одговор од институциите, но, тоа само дополнително треба да ги мотивира новинарите за правење добри истражувачки стории.

„Тоа никогаш не треба да биде крајот на приказната: ‘не добив одговор’. Напротив, тука е приказната и тука е поголемиот мотив за истражувачите да продолжат да бараат одговори и да ги поставуваат вистинските прашања, затоа што општествата како нашето се предизвик за истражувачките новинари. Да беше се во ред, истражувачките новинари ќе немаа работа. Ова се вистинските околности за правење добри истражувачки стории“, смета Јованоски.

Приказната беше дел од теренско-истражувачките стории кои еднаш неделно ги емитува тимот на 360 Степени. Јованоски објаснува дека за успехот на нивниот формат е најважно што редакцијата немала никакво надворешно влијание, додека јавниот интерес е пресуден во одлучувањето дали нешто ќе се објави, или не.

„Тоа е тешко да се направи денеска, знаеме на која позиција во општеството е новинарството во моментов. Меѓутоа тоа се храбри, способни луѓе, кои го знаат новинарството и истражувањето и успеаја да се изборат да ни овозможат на нас – репортерите и истражувачите од тимот на 360 Степени, да можеме да ја работиме нашата работа онака како што треба. Нам ни е лесно, затоа што имаше кој да ни го овозможи слободниот терен, меѓутоа жалам за сите оние кои самите одлучиле, или по нечија одлука не можат да работат како што тоа го правиме ние“, вели Јованоски.

Смртта на Крпач – мистерија и по 11 месеци

Првонаградената сторија, која објави детали за околностите во кои животот го загуби сведокот на СЈО Коста Крпач, за Миомир Серафиновиќ останува отворена мистерија.

„Факт е дека нема крај, факт е дека Скопското обвинителство излезе со полу-епилог дека станува збор за самоубивство, но дека истрагата ќе продолжи за да се откријат околностите – што не е некој сериозен одговор. А многу битен факт е дека за таа несреќна судбина на господинот Крпач, луѓето и натаму мислат дека е мистерија. До ден денеска, поминаа скоро 11 месеци, ние немаме релевантна информација која е причината поради која тој човек, доколку станува збор за самоубиство, го натерало да се смени за одреден временски период. Дали примал закани, дали некој со притисоци го натерал да се чувствува несигурен во својата држава. Мистеријата полека се заборава, но еве оваа награда, се надевам, ќе придонесе повторно да се појават одредени активности на тој случај“, смета Серафиновиќ.

Проблем е кога институциите кријат податоци од новинарите кои истражуваат, додава тој.

„Можат да успеат да ги сокријат, но кога-тогаш ќе излезат. Не знам која е потребата од тоа криење, но тоа е многу погрешен чекор од институциите и сериозно го нарушува работењето на новинарите-истражувачи. Но новинарските приказни не мора да почнуваат од институциите, сега се повеќе имаме граѓански-новинари, кои земаат информации директно од граѓаните и од тука почнува одредена истрага на новинарите“.

Од МИМ го поздравија зголемувањето на интересот за истражувачко новинарство од страна на телевизиите, како и тимската работа на новинарите.

Пофалници добија и новинарите Владо Апостолов и Стојанка Митреска, додека беа истакнати и Горан Лефков, Соња Колевска-Делевска и тимот новинарки Сашка Цветковска, Маја Јовановска и Кристина Озимец.

Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, со цел да го поттикне и афирмира истражувачкото новинарство. Од 2013 година, наградата го носи името на трагично загинатиот уредник и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов.

Даниел Евросимоски