Наградени најдобрите млади програмери за оваа година

Најдобри млади програмери за оваа година се Климент Серафимов, Христијан Ѓоршевски, Борис Танчовски, Димитар Бајрактаров и Михаил Денковски. Годинашните лауреати на проектот „Најдобар млад програмер“ денеска добија парични награди од Агенцијата за млади и спорт и стипендии за бесплатно студирање на ФИНКИ.

Тие победија на државните натпревари по информатика и ќе ја претставуваат Република Македонија на Балканската и Светската олимпијада по информатика и програмирање.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Марјан Спасески истакна дека целта на проектот поттикнување и охрабрување на младите луѓе да го покажат и развиваат својот талент, но тој е и можност да се стимулираат младите средношколци да го продолжат своето образование на техничките науки.

Агенцијата потпиша Меморандум за соработка со Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство и со Здружението на информатичарите на Македонија, кое поседува лиценца за одржување државни натпревари во Република Македонија во програмирање.

Ппроектот почна во декември 2014. На училишните натпревари се пријавиле преку 400 учесници, што е десетпати повеќе во однос на минатите години.

Петтемина најдобри програмери биле избрани по поминати пет натпревари – училишни, регионални, државни, Македонската олимпијада и дополнителен изборен натпревар. Тие ќе бидат дел од Балкнаската олимпијада во Бугарија и на Светската олимпијада во Казахстан, која ќе се одржува од 26 јули до 2 август.