Наградени најдобрите дизајнери на затворањето на Skopje Design Week

Со награди за најдобрите дизајнери, синоќа беше затворено шестото издание на Skopje Design Week 2016. Данијела Савиќ ја освои наградата за најдобар студентски дизајн, „ФОРМИ“ имаа најдобар млад бренд, додека „SECURICOM“ – најдобра презентација.

Четиричленото жири составено од Зоран Једрејчиќ, Александар Велиновски, Нина Бачун и Маја Колар порачаа дека македонскиот дизајн со сигурност движи во нагорна линија и дека фестивалот Skopje Design Week ја исполнува својата задача на артикулатор и стимулатор на дизајн-сцената во земјата и регионот.

„Наградите се официјално признание за вложениот труд, енергија и голема мудрост во своите производи и презентации. Компаниите и поединците кои се наградени оваа година се вистински пример за деловниот и дизајн-секторот, за тоа што е дизајн и како истиот се презентира пред пошироката јавност“, рече Једрејчиќ.

Организаторите на скопската недела на дизајнот порачуваат дека до следната година ќе следат организирани презентации на македонскиот дизајн во седум европски метрополи, серија работилници за дизајн на производ и храна и повеќе изложби на млади дизајнери и компании.

Автор на фотографии: Марко Костовски