Награден конкурс за креативни идеи на млади дизајнери

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) распишува награден конкурс за дизајн-идеи од млади креативци, во рамките на проектот „Инспирирај младинско учество“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.

НМСМ ги поканува сите млади да земат учество во наградниот конкурс за креативни идеи кои ќе се користат во текот на промотивната кампања „Кој си носи чадорче…“ со која НМСМ сака да ја доближи својата идеја, своите активности и својата работа поблиску до младите. Најдобрите идеи ќе се најдат на промотивните материјали и ќе бидат наградени.

Слоганот „Кој си носи чадорче…“ ја симболизира улогата на НМСМ која ги претставува потребите и интересите на младите. Од заинтересираните за учество на конкурсот се очекува визуелно да ја претстават таа улогата на НМСМ како чадор организација и придобивките за младите кои мислите дека треба да произлегуваат од работата на Советот.

„Не е потребно да бидете искусни дизајнери, доволно е само да бидете креативни. Ве охрабруваме да ни ги испратите Вашите идеи во форма на цртеж и/или слика во некоја од следните форми: .psd .jpg .gif .png. Млади креативци, ослободете ја Вашата креативност и сите Ваши идеи испратете ни ги на следната меил адреса: kontakt.nms@gmail.com“, повикуваат од НМСМ.

Краен рок за испраќање на идеите е недела, 8 март, 2015 година.