Награда за визуелизацијата „СкопјеРасте“

Визуелизацијата на македонската платформа „СкопјеРасте“ освои трето место на отворениот натпревар кој го распиша „On Think Tanks“, а кој имаше цел да го промовира трендот на визуелното претставување на податоците кој станува се позабележлив во развиените држави.

Награда за визуелизацијата „СкопјеРасте“

Иницирана од неколку архитекти и активисти, „СкопјеРасте“ е истражувачки проект инспириран од идејата дека вистинското и значително учество на граѓаните е единствено можно само ако тие имаат навремен пристап до плановите на градот на разбирлив и достапен начин. Самата платформа им овозможува на жителите на градот хронолошки и по одредени параметри (изграденост, зеленило, паркинг, бесправно) да се информираат за промените кои се случуваат во две градски четврти од центарот на Скопје.

„Во урбаниот опфат Дебар Маало и Буњаковец, којшто е предмет на платформата СкопјеРасте, има очигледно намалување на процентот на зеленило и слободните простори во рамките на урбаните парцели кои припаѓаат на самите објекти во временскиот период од 1991 до 2012 година“, вели за Радио МОФ архитектот Дејан Ивановски, еден од учесниците во проектот кој објаснува дека проблемите биле мотивација за иницијатативата, а натпреварот и високото место ги смета за случајност.

Тој предупредува и дека изградената структура во овие градски четврти ќе го достигне својот максимален капацитет во наредните неколку години, а новите плановите што следат нема драстично да влијаат на карактерот на градскиот пејсаж.

„Можеме да зборуваме за одредени тенденции и процеси, но не и за кохерентна стратегија која го структуирала менувањето на урбаното ткиво, па оттаму импотентноста на ДУП-овите вистински да ја контролираат густината на изградениот простор, односно соодносот помеѓу изграденото и она слободното“, додава Ивановски.

Преку визуелизацијата со „СкопјеРасте“, лесно може да се увиди како се згустува просторот со градби во центарот на Скопје, додека истовремено се уништува зеленилото.

На натпреварот за визуелизации првото место го доби „Мапирањето на криминалот во Чешка“, а втора беше бразилската визуелизација за со која се дава „Мапа за глобалната трговија со оружје“.