Награда за филмот „Кајмак“ на португалскиот фестивал „Фантаспорто“

Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски ја освои Специјалната награда на жирито во програмата Недела на режисерите на фестивалот „Фантаспорто“. Ова беше 43. издание на фестивалот кој се одржува во португалскиот град Порто. Како еден од наградените филмови, „Кајмак“ имаше специјална дополнителна проекција на затварањето на „Фантаспорто“.

Филмот, црна комедија и критика на малограѓанскиот морал и на илибералните тенденции во општеството, беше најгледан филм во Македонија во 2022, а светската премиера ја имаше на филмскиот фестивал во Токио.

„Кајмак“ е седми филм на Манчевски, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција во соработка со МРТВ, а поддржана од Еуримаж.

Инаку, ова е уште една награда за Манчевски, кој има освоено повеќе од 60 меѓународни награди и признанија во досегашната кариера. Меѓу нив е и Златен лав во Венеција, номинација за Оскар, Индепендент спирит (САД), Фипреци (награда на меѓународната асоцијација на критичари), Давид ди Донатело (Италија), Сребрен Кондор (Аргентина), Сребрена Палма во Валенција (Шпанија), најдобра режија на Реинденс (Лондон), најдобар филм на Синеквест (Калифорнија)…