Награда „Ана Франк“ за тројца писатели

Марија Тодорова од Македонија, Божидар Просењак од Хрватска и Миодраг Јакшиќ од Србија се добитници на наградата „Ана Франк“ која издавачката куќа „Феникс“ и Фондацијата „Македонија презент“ ја доделуваат за врвни остварувања во литературата за деца и млади.

Награда „Ана Франк“ за тројца писатели

Одлуката ја донесе жири во состав Васил Тоциновски, (претседател) и Христо Петрески и Марина Мијаковска (членови), пренесе МИА. Марија Тодорова е преведувач и истражувач на литературата за деца и млади кај нас и во светот. Авторка е на повеќе трудови посветени на книжевното творештво за најмладите, а нејзина најнова книга е Преведувањето за деца како меѓукултурна комуникација.

Хрватскиот писател и новинар Божидар Просењак е автор на голем број прозни, поетски и драмски дела, од кои некои се избрани и како лектирни изданија, а поголем број негови творби се вклучени и во учебниците. Повеќе книги му се преведени на над 20 светски јазици.

Миодраг Јакшиќ е истакнат српски писател, автор на голем број книжевни остварувања за најмладите. Застапен е во повеќе антологии и добитник е на републички и меѓународни награди за своето литературно дело. Најпозната е неговата поетска трилогија за Малиот змеј.

Наградата „Ана Франк“ се доделува петти пат и ќе биде врачена на претстојниот Саем на книгата во Скопје. Во минатите години ја добија авторите: Криста Јохансен (Канада), Стана Смиљковиќ (Србија), Виолета Димова (Македонија), Тиодор Росиќ (Србија), Катја Ерменкова (Бугарија) и Дејан Алексиќ (Србија).