Награда „13 Ноември“ за средношколецот Мустафаоглу, професорот Аџи Фида, за учениците што спасија човек во ЈСП

Средношколецот Арда Мустафаоглу, професорот во пензија Аџи Фида, но и основците што му укажаа прва помош за лице во градски автобус, се меѓу годинешните добитници на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје.

Одборот за доделување на наградата денеска, по спроведеното тајно гласање, и официјално ги објави сите  добитници на наградата „13 Ноември“.

Наградата од областа на образованието и воспитанието му припадна на Аџи Фида, професор во пензија, за долгогодишната успешна дејност во својата работа. Од областа на спортот е награден Андреј Стојковски, пливач, за остварување врвни резултати во пливачкиот спорт во категоријата за лица со посебни потреби.

Од областа на културата наградени се музикологот Марко Коловски, за значајни долгогодишни остварувања во областа на музичкото творештво, и Ресул Шабани, писател и книжевен преведувач, за превод на Антологиите „Поети академици“ и „Поети и раскажувачи академици“.

Награда од областа на уметноста ќе добие Рамадан Шукри, академски музичар, како и новинарот Сефер Тахири, за 20-годишен придонес во развојот на новинарството и публицистиката.

Од областа на архитектурата ќе биде наградена архитектката Даница Павловска- Циги, за долгогодишна посветеност за зачувување на автентичноста и вредностите на градот Скопје во сферата на планирање и управување со просторот.

Средношколецот од ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“, Арда Мустафаоглу, ќе биде награден за континуираните успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности и посебен придонес за афирмација на градот Скопје во светот. Наградата за хуманост пак, оди кај основците од ООУ „Кочо Рацин“- Скопје, Мила Коцевска, Софија Стојменова, Нена Гиевска, Марија Гавриловиќ, Петар Тодоровски и Ведран Лауренчиќ.

Награди за успешна работа добија и Геронтолошкиот завод „13 Ноември“, како и Притивпожарната бригада на Град Скопје.

Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје се доделува на физички и правни лица како знак на признание на Градот Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот и физичка култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот Скопје и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и во светот.

Наградата може да се додели на физички и  правни лица од други држави кои оствариле посебен придонес за Градот. Исто така, Наградата се доделува и на ученици и студенти за творечки труд или континуирани успешни постигнувања во наставните и во воннаставните активности што претставуваат посебен придонес за напредок и афирмација на градот.