Нафтените компании донирале милиони долари за републиканските кампањи во САД

Сопствениците на компаниите за фосилни горива и гас инвестирале вкупно 107 милиони долари во претседателските кампањи на републиканските кандидати. Еколошките здруженија сметаат дека оваа инвестиција без преседан ја загрозува независноста на Белата куќа доколку следниот претседател биде Републиканец и постои голема веројатност за негирање на глобалното затоплување.

Приближно еден од три долари донирани на претендентите за претседателски кандидат од Републиканската партија доаѓаат од богаташи чија заработка доаѓа од продажба на фосилни горива.

Тед Круз, сенаторот на Тексас, за кого се смета дека има најголема шанса да го спречи Доналд Трамп да ја добие републиканската номинација, има добиено најмногу средства за неговата кампања од „големите играчи“ во нафтената индустрија.

Круз, кој отворено признава дека не верува во научните докази за глобалното затоплување, од донациите од овие компании има добиено 25 милиони долари, односно 57 посто од неговиот вкупен буџет за кампањата. Податоците се објавени од Greenpeace, а проверени од Guardian.

Тексашкиот сенатор во декември изјавил за NPR дека климатските промени се измислица на либералите, кои сакаат контрола над економијата.

„Научните докази не го потврдуваат глобалното потврдување“, изјавил.

Од Greenpeace велат дека негирањето на Круз за глобалното затоплување е еден од факторите за неговата зависност од финансирањето од компаниите кои продаваат фосилни горива.

„Комплетното негирање на Тед Круз за климатските промени сосема се поклопува со бизнис интересите на неговите најголеми финансиери“, вели Џеси Колман, претставник на еколошкото здружение. „Сопствениците на овие компании направија негирањето на климатските промени и игнорирањето на научниците да биде предуслов за да се стане републикански кандидат“.

Колман смета дека републиканците нема да се откажат од негирање на глобалното затоплување дури и ако Круз не ја добие номинацијата.

„Иако Доналд Трамп, кој исто така ги негира климатските промени, е засега самофинансиран, ќе се обрати на нафтената индустрија за политичка поддршка ако ја добие номинацијата. Трамп исто така има инвестирано милиони долари во оваа индустрија“, додава.