Над сто професори, научници, уметници и интелектуалци од земјава повикаа за мир во Украина

Преку Фејсбук вчера се прошири Повик за мир во Украина на кој се потпишуваат членови на академската заедница, научници, уметници и интелектуалци. До него може да се пристапи преку онлајн формулар каде се посочува дека повикот заедно со списокот на потпишаните ќе биде објавен во јавните гласила.

Професорката Мимоза Ристова од Природно-математичкиот факултет при УКИМ преку нејзиниот Фејсбук профил вчера посочи дека повикот го потпишало 101 лице.

Во повикот се осудува инвазијата на Русија во Украина, како и секој акт на убивање, уништување и разнебитување што е дел од инвазијата. Дополнително, таму се посочува дека сочувствуваат и ги поддржуваат сите граѓани на Украина во нивните напори за одбрана на нивната држава и даваат поддршка на нивните колеги од академската заедница, на сите интелектуалци, уметници, научници во нивните напори за заштита на земјата.

„Истовремено ги поддржуваме, охрабруваме и повикуваме нашите колеги професори, научници, уметници и интелектуалци од Руската Федерација, како највисоко образувани, најкомпетентни, најслободни и најкреативни општествени дејци кои ги краси храброст, автономност, висок морал и личен интегритет да го кренат својот глас против инвазијата на нивната држава во територијата на една суверена европска држава. Убедени сме дека вие, наши руски колеги во моментов можете да направите исклучително многу за враќање на мирот. Вие можете да бидете клучните миротворци со секој дигнат глас за мир во Украина“, стои во повикот.

Во него се дополнува дека науката е незамислива без глобална соработка на научниците ширум светот, а уметноста е безсмислена доколку не ги помине границите.

„Секоја изолација води кон стагнација и деградација. Само со повторно воспоставување на мирот во Украина, научниците и уметниците ќе можат слободно да творат, да се вклучуваат во меѓународна соработка, како со вас, така и глобално, за да донесат благосостојба за планетата Земја“, се додава во повикот.

Повикот иницијално бил потпишан од 14 универзитетски професори.