Над 90 трудови на шестата студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој

Повеќе од 90 студенти со свои научни трудови учествуваат на шестата Студентска Конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој (СКЕEОР), која се одржува на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје. Во наредните четири дена, студенти од различни држави, како и професори, ќе ги претставуваат и дискутираат своите трудови.

Ангела Најдоска, претседателка на Здружението за истражување и промоција на енергетската ефикасност и одржливиот развој (СКЕЕОР), е горда на сработеното и истакна дека настанот е од огромна важност за студентите.

„Сметаме дека е од исклучителна важност да се организира настан чија што целна група се студентите кои како академски граѓани ќе имаат водечки улоги во областа на енергетиката, енергетската ефикасност и одржливиот развој, актуелни полиња со непроценливи можности. Самата конференција има научен и едукативен карактер со што студентите ги продлабочуваат своите знаења во областите од нивен интерес и тоа, соработувајќи со најдобрите стручни лица во соодветните теми на фокус“, рече Најдоска.

„СКЕЕОР претставува отскочна даска за понатамошното работење и ваше творење. СКЕЕОР ви овозможува да излезете од онаа рамка која што студирањето ви ја налага и ви овозможува да творите нешта кои вам ве интересираат, со цел да се изградите вие како идни инженери“, додаде таа.

Меѓу студентите има учесници од Колумбија, Словенија, Израел, Србија и Бугарија, кои со свои научни трудови и повеќе од 10 пленарни предавања на реномирани професори и претставници на компании.

„Овде сме собрани за да почнеме нешто ново, за да креираме идеи, иновативни решенија кои ќе не однесат до одржлив развој. Да се соочиме со проблемите на современото живеење, на големиот индустриски-технолошки развој, на огромното загадување, на животната средина, намалувањето на енергенсите, зголемената потрошувачка на електрична енергија… Сето тоа може да се реши, понекогаш и со мали чекори, со мали иновативни решенија, можеме да придонесеме сите заедно кон една иста цел – здрава и чиста животна средина“, рече професорката Маргарита Гиновска, координатор на Конференцијата.

Пред студентите се обрати и деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, кој ги спомена активностите на факултетот  за енергетска ефикасност и одржлив развој. На ФЕИТ во функција се две фотоволатаични централи со вкупна моќност од 22 KW а планираме да инсталираме уште 28 KW, соопшти тој.

Студентите ги поздрави и Љубица Јанчева, претседателка на Совет на Град Скопје, кои се дел од покровителите на конференцијата.

„Да се пронајде нешто корисно – ’енергетската ефикасност’, потоа да се искористи во склад со природата и да се донесе во релација со одржливиот развој, веројатно е големо научно-истражувачко задоволство. Но, за актуелизирањето на релацијата потребни сте секогаш и Вие, почитувани претставници од академско научната заедница, но и Вие, студенти, кои како млади истражувачи со вашите креативни идеи, ќе партиципирате и во актуелизирање и во одржување на релација и тоа во локалните одредници, но и пошироко“, рече Јанчева.

Основната идеја на конференцијата е да се разменуваат идеи и мислења меѓу студентите, професорите и претставниците од енергетските компании со што се прави чекор напред кон решавање на дел од проблемите од областа на енергетска ефикасност и одржливиот развој, како две светски актуелни прашања на кои интензивно се работи и во Македонија.

За првпат, во рамки на конференцијата, ќе се одржи хакатон на кој студентите ќе можат да се натпреваруваат со своите трудови и ќе се обидат да ги насочат своите идеи и активности кон суштинска импементација и развивање на иновативни бизниси. Хакатонот ќе се одржува во ИНОФЕИТ.

Конференцијата доби поддршка од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Градот Скопје, како и од голем број компании и здруженија.