Седумсто илјади лица потпишаа меѓународна петиција со повик кон Европскиот парламент да санкционира полски европратеник, кој изјави дека жените треба да заработуваат помалку од мажите, бидејќи се послаби, физички се поситни и се помалку интелигентни.
Јануш Корвин Мике освен тоа упати нацистички поздрав во салата на европската институција.
Светското движење за заштита а граѓанските права„Аваз“ ја покрена на Интернет оваа иницијатива против европратеникот од крајната десница.
„Сакаме ЕП да го отстрани Корвин Мике по зборовите со омраза, кои ги изрече на адреса на жените и мигрантите и откако направи нацистички поздрав во салата во средата, на Меѓународниот ден на жената“, стои во петицијата.
„Тие активности се нарушување на правилата на Европскиот парламент и се во расчекор со вредностите на ЕУ, се додава во текстот.
Седумдесет и четири годишниот Корвин Мике бил санкциониран во минатото од ЕП поради расистички коментари и изјави за Холокаустот.