Над 60 повици за шест месеци на Националната линија за ЛГБТИ+ лица

Како еден млад човек да му соопшти на своето семејство дека не е со хетеросексуална ориентација, каде да се пријави дискриминација, врсничко насилство, што со родителите кои кои не знаат што да направат откако ќе се соочат со вакво признание? Шеесетина повици во шест месеци стигнале на Националната линија за ЛГБТИ+ лица, која беше отворена во август, со помош на Совет на Европа и Европска Унија, а во партнерство со Министерство за труд и социјална политика.

Целта на линијата е да одговори на потребите на ЛГБТИ луѓето, а тоа значи дека тимот на советувачи кој работи на линијата се тука за разговор, препраќање, консултација и давање соодветен одговор на предизвиците со кои се соочува оваа заедница.

Давид Тасевски кој е психолог, програмски директор и координатор на Линијата, појаснува дека ова е голема бројка повици за еден млад сервис од ваков тип.

„Освен оправданоста на постоењето на линијата според оваа бројка на повици, ни покажува и дека постои голема потреба кај заедницата. Меѓутоа, и покрај тоа што линијата сè уште не е позната, заедницата почнува да ни ја дава нивната доверба и тоа ме радува. Од таа причина, Субверзивен фронт го отвора и првиот Центар за психосоцијална поддршка, кој ќе нуди професионални услуги од психолог, психотерапевт, социјален работник, кој исто така ќе биде првиот специјализиран центар од ваков тип за ЛГБТИ лица“, појаснува Тасевски.

На повиците одговараат стручни лица, психолози, социјални работници, со дополнителна едукација за работа со ЛГБТИ лица, и советување на телефонска линија. Притоа можат да се јават ЛГБТИ лица од сите возрасти, нивните семејства, пријатели, но и стручни тимови од училиштата и центрите кои имаат контакт со ЛГБТИ лица, или млади кои се чувствуваат збунето во врска со нивната сексуална ориентација или родов идентитет.

„ЛГБТИ лицата од целата територија на државата, можат анонимно, без споделување на нивниот идентитет, да добијат поддршка, помош или советување. Луѓето кои се јавуваат на линијата, најчесто зборуваат за соопштување на својата сексуална ориентација на семејните членови, дискриминација, врсничко насилство, но се јавуваат и за релациски проблеми, депресивно расположение, итн. Имаме повици и пораки од родители кои не знаат што да направат, откако нивното дете им кажало дека не е со хетеросексуална ориентација“, појаснува психологот.

Советувачот кој работи на линијата има листа на институции и организации, која ја користи кога има потреба од препраќање, според потребите на лицето што се јавува. Во тие моменти, вели Тасевски, клучна е проценката на советувачот за да направи соодветно препраќање или контакт доколку на корисникот му е потребна помош, или придружување до одредена институција.

Тасевски посочува дека се обидуваат да остварат и соработка со институциите кои треба да реагираат во одредени случаи, како на пример, кога некој ќе пријави насилство.

„Имаме соработка, меѓутоа најчесто станува збор за контакт лица од институциите кои би ја завршиле работата, бидејќи препраќање без подготвен терен, знае да заврши и со дискриминација, потсмев или услуга која нема да биде дадена поради тоа што лицето има различна сексуална ориентација или родов идентитет. Кога зборувам за ова, секако ја земаме предвид и општата тромавост на некои институции, кои не реагираат соодветно ни при препраќање на жени жртви на насилство. Така да, генерално, состојбата во институциите не е на функционално ниво, кое би значело, работа, без да биде потребно постојано да се потсетуваат дека дискриминацијата е неприфатлива, дека вработените мора да ја извршуваат работата професионално и етички, без разлика на карактеристиките на лицето кое пријавува“, забележува тој.

Запрашан колку пандемијата ги продлабочи проблемите на ЛГБТИ, Тасевски со одговор:

„Пандемијата секако влијаеше на целиот свет, и на сите луѓе. Па, јас не би сакал да ги издвојувам ЛГБТИ луѓето како посебна група на која пандемијата особено влијаела. Меѓутоа, периодот на затвореност во домовите, можеби влијаеше посилно во негативна смисла, поради тоа што постојат луѓе кои се дел од семејства кои не ја прифаќаат нивната различна сексуална ориентација, па затвореноста во таа средина им влијаеше вознемирувачки. Тензијата во релациите со семејните членови, можна историја на насилство, предизвикува проблеми со менталното здравје кај секој кој е принудно затворен во таква средина, па секако влијаеше и на ЛГБТИ луѓето“, вели психолот.

Тој ги охрабрува сите кои имаат проблем, недоумица или едноставно имаат потреба од разговор за теми поврзани со оваа заедница, без двоумење да се јават на 075 241 124, Националната линија за ЛГБТИ+ лица.