Над 30 000 лица потпишаа петиција за отстранување сексистички зборови од Оксфордски речник

Десетици илјади луѓе ја потпишаа петицијата која бара од Универзитетот во Оксфорд, познат по изработката на речникот на англиски зборови, да ги острани сите „сексистички“ зборови за жени.

Според петицијата, во речникот се наведени неколку синоними за поимот „жена“ кои се со навредлива конотација и тие мора да бидат отстранети.

„Овој сексистички речник мора да биде променет“, стои во петицијата започната во јуни од страна на Марија Беатрис, застапник за правата на жените.

„Овие примери кои се наведени како синоними ги прикажуаат жените како сексуални објекти, подредени под мажите.“

Петицијата става акцент на нападите кон жените на интернет и објаснува како промена во употребата на јазикот е првиот чекор во борбата против ваквата злоупотреба на зборовите.

„Ова е навистина неприфатливо од еден реномиран извор како Оксфорд. Уште позагрижувачки е фактот што тој има огромна улога во креирање на јавните норми околу англискиот јазик“, стои во објаснувањето во петицијата.

Во неа исто така се објаснува и како мизогинистичките дефиниции полека стануваат нормални и се почесто се користат, особено поради фактот што голем број на интернет пребарувачи го користат Оксфорд како основен извор за дефинирање на поими.

Иако петицијата полека собира голем број на потписи, Беатрис е загрижена поради несериозноста на издавачот на речникот. Таа вели дека се уште не добила одговор од нив.

„Во иднина мора да најдеме некое решение и да ставиме јасни дефиниции на тоа што е всушност сексистички и навредливо“, дополнува таа.  „Сакаме сериозен пристап кон менувањето на дефинициите и се надеваме дека издавачите ќе ги слушнат нашите барања.“