Над 200 лица загинаа во терористички напад во Шри Ланка

Најмалку 207 лица загинаа, а 450 се повредени во експлозии во католички цркви и хотели во Шри Ланка.

Беа пријавени осум експлозии. Три цркви во околината на Негомбо, Батикалаоа и Коччикаде во Коломбо беа на мета за време на Велигденските служби.

Шангри-Ла, Кингсбери, Синамон Гранд и уште еден хотел, сите во главниот град Коломбо, исто така беа погодени во терористичките напади. Последниот напад е извршен од бомбаш самоубиец, кој го активирал експлозивот во зграда во предградие на главниот град Коломбо, при што загинале тројца полицајци.

Светските медиуми пренесуваат дека се уапсени седум лица, но сé уште не е јасно кој е одговорен за нападите.

Фото: Getty images

Претседателот Маитрипала Сирисена издаде соопштение во кое се повикуваат луѓето да останат смирени и да ги поддржат властите во нивните истраги.

Премиерот Ранил Викремесинге свика итен состанок.

„Силно ги осудувам кукавичките напади врз нашиот народ денес. Ги повикувам сите граѓани во ова трагично време да останат обединети и силни”, рече тој.

Објавувајќи го полицискиот час, министерот за одбрана, Раван Виџевардене, рече: „Ќе ги преземеме сите неопходни мерки против која било екстремистичка група во нашата земја”.

Тој, исто така, рече дека „сите виновници” биле идентификувани и дека ќе бидат „притворени што е можно поскоро”.

Шри Ланка е дом на околу 1,5 милиони христијани, според пописот од 2012 година, од кои мнозинството од нив се римокатолици. Најзастапена религија е теравада будизмот, сочинувајќи околу 70,2% од населението.