Над 2.5 милиони луѓе во Англија ќе добијат бесплатни витамин Д таблети, како дел од борбата против Ковид-19

Скоро три милиони луѓе од ранливите групи, вклучително и болните и стари лица во Англија ќе добијат бесплатни витамин Д таблети, како дел од напорите на земјата во борбата со Ковид-19 оваа зима, јавува „Еуроњуз“. Витаминот помага во регулирање на хранливите материи што се потребни за да се одржат здрави коските, забите и мускулите.

Телото создава витамин Д од директна сончева светлина на кожата кога луѓето се на отворено, оваа година пак повеќе од вообичаено, многумина се на затворено поради мерките за коронавирусот.

Британската Агенција за јавно здравје секоја зима советува дека сите, особено повозрасните лица, оние кои не излегуваат надвор и оние со темна кожа, треба да земаат додаток на витамин Д кој содржи 10 микрограми, секој ден помеѓу октомври и март.

На луѓето кои клинички се исклучително ранливи, како и оние во домовите за згрижување, ќе им се испорачува четиримесечно снабдување со таблетите почнувајќи од јануари.

„Поради неверојатните жртви што ги направија Британците за да го контролираат вирусот, многумина од нас оваа година поминаа повеќе време во затворени простории и може да имаат недостаток на витамин Д“, рече министерот за здравство Мет Хенкок.

„Владата презема активности за да обезбеди ранливите лица да имаат пристап до бесплатно снабдување, што треба да им потрае во мрачните зимски месеци. Ова ќе го зајакне нивното општо здравје, ќе ги задржи нивните коски и мускули здрави и круцијално ќе го намали притисокот врз националната здравствена служба (НХС)“, додаде тој.

Иако постојат одредени извештаи дека витаминот Д го намалува ризикот од коронавирусот, од британската НХС соопштија дека моментално нема доволно докази за тврдењето за земање на суплементот за превенција или лекување на Ковид-19.